Десетте најголеми компании за чистење и тековно одржување простории лани направиле вкупен приход од 16,3 милиони евра и заработиле 780.000 евра, објави порталот Пари, повикувајќи се на податоците од платформата Бизнис мрежа.
Истражувањето довело до заклучок дека заеднички именител на овие компании е учеството на тендери за јавни набавки на државни институции и претпријатија. А таму „во игра“ се големи суми – за одржување хигиена за една година во државните органи и подрачните едници на министерствата се плаќа 4 милиони евра, МВР и Агенцијата за национална безбедност имаат склучено двегодишни догори за 3,4 милиони евра, Пошта исто така двегодишен договор за 770.000 евра…
„Серта“ лани имала најголем приход меѓу овие компании – 4,2 милиони евра и направила добивка од 293.000 евра. Оваа компанија ги чисти сите органи на државната управа и подрачните единици на министерствата. Според последниот договор со Службата за општи и заеднички работи на Владата, склучен на 21 октомври 2021 година (објавен на Бирото за јавни набавки) „Серта“ ќе добие 256.132.930 денари, или над 4 милиони евра (вредност на Договорот со ДДВ). За овие пари, во текот на една година „Серта“ треба да биде на располагање 24 часа, да чисти внатрешни површини, пристапни асфалти, фасади, снегови од кровови… Годинава „Серта“ склучила и два договора со Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), со ЈП „Водовод и канализација“, со Универзитетот „Кирил и Методиј“, Националната арена „Филип Втори“.
Службата за општи и заеднички работи на Владата има склучено договор за одржување хигиена и со „БАПАЛ Благој“, исто така на 21.10.2021 година. Со оваа фирма договорот е 208.781.734 денари, или околу 3,4 милиони евра. И ова е едногодишен договор и се однесува на одржување на објектите на државната управа и на подрачните единици на министерствата, но овој пат за одржување на водовод, електрика, градежно занаетчиски работи, столарски работи.
„Техно-чист“, компанија која исто така е меѓу десетте најголеми за одржување хигиена, договор има склучено со Пошта за одржување на хигиена во деловните простории во текот на 2 години. Овој договор, тежи 44,5 милиони денари, или околу 720.000 евра со ДДВ!
За хигиената и тековното одржување на работните и други простории на Министерството за внатрешни работи (МВР) и на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) на 10 јули годинава, склучени се договори за наредните 2 години во висина од 3,4 милиони евра со три компании: „Инфинити клининг“ за околу 2,2 милиони евра, „Ланд сервис“ за околу 1 милион евра и „Сити логистика 2011“ за околу 170.000 евра. Но, пребарувањата за компанијата „Бигор клининг“ на системот за електронски набавки покажа дека МВР има склучено договор за хигиена и со оваа компанија, на 24.09.2021, во висина од 94.000 евра.