Во очекување Владата да се произнесе за предлогот на Комисијата за заразни болести за заострување на мерките против КОВИД-19 и зголемување на опфатот на имунизација, Министерството за здравство информира дека заклучно со вчера, вкупно се вакцинирани 818.689, а ревакцинирани се 787.837 граѓани. Трета доза примиле 59.735 граѓани.

Вакцинирано е 39 отсто од целокупното население во земјава, а 38 отсто примилe две дози.

Опфатот со вакцинација со една доза на полнолетната популација е 58 отсто, а со две дози 48 проценти.

Две дози примиле 57 отсто од граѓаните над 40 – годишна возраст, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Инаку, со новите предлог-мерки се предвидува вработените во јавните институции задолжително да прикажат потврда за примена најмалку една вакцина, ПЦР негативен тест, потврда за прележан ковид не постар од 45 дена или потврда од лекар специјалист дека не можат да ја примат вакцината. Се прдлага и задолжителна вакцинација на сите здраствени работници.

Од МОН потврдија дека овие мерки препорачани за јавниот сектор ќе важат и за вработените во образованието.

-За вработените во образованието ќе важи истата мерка што е предложена од Комисијата за заразни болести за јавниот сектор – да бидат вакцинирани најмалку со една доза, да имаат негативен ПЦР-тест, потврда за прележан ковид или потврда дека не смеат да примат вакцина, изјави советникот во Министерството за образование и наука, ДушанТомшиќ.

Комисијата за заразни болести предлага овие мерки да стапат во сила десет дена откако ќе ги усвои Владата.

Со цел заштита од коронавирусот, во земјите од регионот се најавува и четврта доза вакцина. Епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ изјави дека во Србија на пролет најверојатно ќе се препорача и четврта доза, а самата имунизација против корона вирусот во иднина може да се прави двапати годишно.

-Делта плус сојот почнува да има негативни ефекти во Европа, бројот на заразени се зголемува, а имаме примери на земји кои беа релативно мирни, како Холандија и Данска, да имаат зголемување на бројот на новозаразени. И Германците се во проблем, кажа Тиодоровиќ.

Очекува во Србија да продолжи да се намалува бројот на новозаболени, но посочи дека од граѓаните зависи дали тоа ќе се случи и дека медицинскиот дел од Кризниот штаб се уште е за воведување на целодневни ковид пропусници и дека ќе инсистира на тоа.

Во меѓувреме, Европа е лидер во светот според бројот на инфицирани и смртни случаи од Ковид-19, соопшти вчера Светската здравствена организација (СЗО).

Ова доаѓа откако бројот на смртни случаи од минатата недела се зголеми за пет отсто и со тоа Стариот континент стана единствениот регион во светот со зголемување на смртните случаи од Ковид-19.

СЗО ја информира јавноста дека бројот на смртни случаи од коронавирус насекаде низ светот е стабилен или во опаѓање, освен во Европа.

Најголем број нови случаи низ Европа е регистриран во Русија, Германија и Обединетото Кралство.

Во земјава, пак, вчера беа регистрирани 493 нови случаи на КОВИД-19, од направени 2.911 тестирања. Оздравени се 532 пациенти, а починале 17 лица.

Досега се направени 1.439.606 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во Северна Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 210.938. Бројот на оздравени пациенти е 195.157, а на починати 7.390. Во моментов активни се вкупно 8.391 случаи.