По повод Светскиот ден на детето, претседателот на Владата Зоран Заев, порача дека вложувањето во здравјето и благосостојбата на децата е вложување во општеството и во иднината. Истакна дека изминатиот период децата биле еден од приоритетите на Владата.
Заев на „Фејсбук“ подвлекува дека во прилог на исполнување на четирите основни принципи на Конвенцијата за човекови права во изминатиот период Владата покажала вистинска грижа за децата.
-Почнавме од почеток, таму каде децата се раѓаат. Министерството за здравство преку инвестирање во најсовремена опрема, обезбедување најдобри услови, обуки и едукација на лекарите и медицинскиот персонал во Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) овозможи европски стандарди во здравство во С. Македонија за многу млади животи да бидат спасени. Од 2016 година до денес, смртноста кај предвреме родените бебиња е намалена од 25 отсто на 8,9 проценти и ќе продолжи да опаѓа. Министерството за труд и социјална политика во однос на заштита на правата на децата спроведува активности кои се во насока на намалување на детската сиромаштија, заштита на децата од насилство, зголемување на опфатот на децата во предучилишните установи, обезбедување услови за живеење на сите деца во средина најблиска на семејната, напиша премиерот Заев.
Додава дека изминатиот период биле изградени и реновирани 60 детски градинки во урбаните и руралните средини, потенцирајќи дека до крајот на мандатот Владата ќе се посвети на зголемување на капацитетите во детските градинки.
Тој потсети дека дел од руралните места, како што се Зрновци, Караслари, Врапчиште и многу други, по првпат добиле детски градинки, како и дека со цел намалување на детската сиромаштија се спровеле реформи со што се зголемил пристапот до правото на детски додаток за деца од семејства со ниски примања и на приматели на гарантирана минимална помош.
-Дополнително се воведе образовен додаток, за деца од училишна возраст, во основно и средно училиште од семејства со ниски примања и за деца на корисници на гарантирана минимална помош. Со деинституционализацијата ниту едно дете до 18 години повеќе не живее во гломазни институции. Децата се сместени во мали групни домови и згрижувачки семејства со што се овозможи децата да живеат во средина која е најблиска до семејната, вели Заев.