Вакцините „Синовак“, „Фајзер“ и „Астра Зенека“ имаат најголема ефективност во спречување на хоспитализација и смрт од Ковид-19 во Македонија.
Во периодот од јануари до крајот на септември годинава биле регистрирани вкупно 3 947 смртни случаи од ковид-19, од кои 3 642 биле случаи на невакцинирани лица, додека 179 од вкупниот број на починати биле целосно вакцинирани против Ковид-19.
Вакцината „Синовак“ покажала највисока ефективност со дури 96 отсто во спречување на смрт од Ковид-19 кај лица кои се целосно вакцинирани.
По „Синовак“, најефективна во спречување смрт е вакцината „Астра Зенека“ со 95 отсто ефективност, а „Фајзер“ има 94 отсто ефективност во спречување смрт од ковид-19. Овие податоци се дел од истражувањето за ефективност на вакцините против ковид во земјава, спроведено од Институтот „Каролинска“ од Шведска во соработка со македонското Министерството за здравство.
Во однос на другите вакцини, вакцината „Синофарм“ покажала најниска ефективност со 91 отсто во спречување смрт кај лицата што се целосно вакцинирани, додека „Спутник“ е со 94 отсто ефективност. Кај сите други вакцини, пак, е забележана ефективност со над 91 отсто во спречување смрт од Ковид-19.
Просечната ефективност на две дози од која било вакцина во спречување смрт од Ковид-19 е 92 проценти
Во периодот од јануари до крајот на септември годинава биле регистрирани вкупно 3 947 смртни случаи од Ковид-19, од кои 3 642 биле случаи на невакцинирани лица, додека 179 од вкупниот број починати биле целосно вакцинирани против ковид-19. Со тоа, грубата процена на ефективноста на две дози вакцина од кој било производител во спречување смрт од Ковид-19 изнесувала 92 отсто.
Според анализата, возраста и машкиот пол значително влијаеле и врз ризикот од смрт од ковид-19, при што оние на возраст од 65 години и нагоре имале речиси двојно поголем ризик од смрт од ковид-19, а мажите имале околу 28 отсто поголем ризик да починат од ковид-19 од жените. По коригирањето за пол и возраст, ефективноста на примени две дози вакцина од кој било производител во спречување смрт од ковид-19 изнесувал 94 отсто.
Просечната ефективност на две дози од која било вакцина во спречување хоспитализација од ковид-19 е над 88 отсто
Во периодот од јануари до крајот на септември годинава од ковид-19 биле хоспитализирани вкупно 16 691 лица, од кои 1 114 биле целосно вакцинирани, а 15 577 лица не примиле вакцина. Со тоа, грубата процена на ефективноста на две дози вакцина од кој било производител во спречување хоспитализација од ковид-19 изнесувала над 88 отсто (88,7%).
Според анализата, кај повозрасните лица и кај мажите значително е намалена ефективноста од вакцините, при што граѓаните над 65-годишна возраст имале околу 76 отсто повисок ризик од хоспитализација од ковид-19, а мажите имале 23 отсто поголем ризик од хоспитализација од жените.
Според анализата, две дози од вакцината „Фајзер“ има најголема ефективност во спречување на хоспитализација со 97,5 отсто. По неа е „Астра Зенека“ со 94 отсто ефективност во спречување хоспитализација, а со 92,5 отсто ефективност во спречување хоспитализација е вакцината „Синовак“.