Руското Министерство за надворешни работи вечерва го повика НАТО да ја повлече својата „официјална“ одлука од 2008 година, која ги отвора вратите за пристапување на Украина и Грузија, на што Москва категорично се спротивставува.
– Во интерес на европската безбедност е неопходно официјално да биде поништена одлуката од самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, што ја отвора вратата за приклучување на двете земји кои граничат со Русија, се вели во соопштението на Министерството.
Руските власти, исто така, побараа од НАТО да ги прекине воените вежби во близина на руската граница и повикаа на продолжување на „редовниот безбедносен дијалог“ меѓу Москва, Вашингтон и НАТО.
Западните земји повеќе од еден месец ја обвинуваат Русија дека распоредила десетици илјади војници во близина на украинската граница. Кремљ тврди дека одговара на „провокациите“.