Европратеникот од редовите на Републиканците (ЛР) Франсоа-Ксавиер Белами во видео порака ја оспори огромната програма на Емануел Макрон за француското претседателство со ЕУ. Тој смета дека говорот на претседателот за претседавањето со ЕУ е исполнет со „илузии“, особено поради краткото траење на францускиот мандат, што ќе се судри со претседателските избори во Франција, јави дописникот на МИА.
Претседателот Макрон во четвртокот ги претстави главните намери на француското претседателство со Советот на Европската унија, што ќе трае шест месеци, почнувајќи од јануари 2022. Тој во детали ги најави повеќето проекти што ќе бидат отпочнати за ова 13-то по ред ротирачко француско претседателство, прво од 2008 година. Вклучувајќи го и тоа, што се смета за приоритет, да се реформира Шенген зоната за ЕУ да ги „заштити своите граници“ од миграциските кризи кои следат една по друга.
Лидерот на европратениците на ЛР, Франсоа-Ксавиер Белами, веднаш на Твитер во видео обраќање даде свој коментар – „доволно е само еден збор да се сумира говорот на претседателот на Републиката: Сето ова е гигантска фикција“.
-Макрон е многу добар комуникатор. Но, зад комуникацијата, всушност, има само илузии, оцени Белами .
Филозофот, избран во Европскиот парламент во 2019 година, смета дека амбициозната програма на Макрон „може да окупира пет години работа за Европската унија“, додека ова претседавање ќе трае само шест месеци, „што нема да бидат навистина шест. “. За потсетување, на секои 13 години, Франција има шест месеци за да ги потврди своите приоритети во европската дебата. Меѓутоа, во овој период, што почнува во јануари, ќе се соочи со голем настан во Франција: претседателските избори на крајот на април.
-Од почетокот на годината, сите ќе бидеме многу зафатени со претседателската кампања, вклучително и владата и министрите, тие кои сепак нормално го водат претседавањето со ЕУ, забележува Франсоа-Ксавиер Белами.
„Од месец април едноставно повеќе нема да имаме актуелен претседател на Републиката и ќе го менуваме курсот на нашите институции“, додава европратеникот. Ќе се распушти и Националното собрание за да може да се избере ново мнозинство. Дополнително, подвлекува европратеникот, „сите министри кои ќе го почнат претседавањето со ЕУ, со голема веројатност ќе бидат сменети на средината на ова претседателство и затоа ќе треба, за новите, да се запознаат со 26-те други министри на другите.европски земји“. „Може да се замисли апсолутното лудило претставено со оваа вежба“.