Американскиот помошник државен секретар за европски прашања, Карен Донфрид, следната недела ќе ги посети Украина и Русија за да разговара за воените тензии на границата меѓу двете земји, соопшти вечерва американското Министерство за одбрана.
Донфрид од понеделник до среда ќе престојува во Киев и Москва, а со претставниците на земјите домаќини ќе разговара за посветеноста на САД на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, се наведува во соопштението на Пентагон.
Таа ќе „инсистира на можностите да се постигне дипломатски напредок за да заврши конфликтот во Донбас, во источна Украина, со спроведување на мировниот договор усвоен во 2015 година во Минск“.
САД, НАТО, ЕУ и Украина веќе неколку недели ја обвинуваат Русија дека трупа свои војници на границата со Украина со цел да се подготви за напад. Кремљ тоа во неколку наврати го демантираше.
По Киев и Москва, Донфрид ќе замине за Брисел каде ќе има консултации со европските и НАТО сојузниците.