ВМРО-ДПМНЕ денеска, на 17. редовен партиски конгрес, го реизбра Христијан Мицкоски за претседател. Тој беше и единствениот кандидат за лидерската позиција, а доби поддршка од 489 делегати.
Од присутни 493 делегати, гласале 492 од кои 489 за Мицкоски. Имало и три неважечки ливчиња.
На конгресот под мотото „Нова генерација за нова иднина“, ВМРО-ДПМНЕ најави нова доктрина и кадровски освежувања.
Во секој момент се очекува обраќањето на Мицкоски кој пред почетокот на конгресот рече дека се потребни предвремени парламентарни избори. Мицкоски истакна и дека ВМРО-ДПМНЕ изминатите четири години се реформирала и трансформирала.
-Инсистираме на брзи предвремени парламентарни избори зашто народот треба да биде претставуван согласно тоа за што гласал, а гласал на последните локални избори за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, изјави партискиот лидер пред почетокот на конгресот.