Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, најави дека нема да биде дел од новата влада. Според неа, повлекувањето е од принципиелни причини затоа што не се согласувала со дел од политиките на СДСМ во изминатиот период. Шекеринска рече дека од овие причини на почетокот на годинава решила да се повлече и од раководството на партијата.

„Единствената принципиелна и чесна одлука би била да кажам дека нема да учествувам во следната влада. Сметам дека во изминатиот период можевме да продуцираме резултати како влада, јас како министерка за одбрана, само заради тоа што покажавме принципиелност, чесност и одговорност и многу работа. И тогаш вреди, и тогаш има резултати. Ако не сме принципиелни, тогаш мислам дека тие резултати нема да дојдат“, рече Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање.