Подносителите на иницијативата за оспорување на одлуката за распишување на референдумот, Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес и Димитар Апасиев од Левица, по одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка, изјавија дека денеска е погребана правдата и оти не преостанува ништо друго, освен бојкот на референумот.
– Ова е срамен ден за владеењето на правото во Република Македонија. Денес е погребана правната држава преку политичка, а не правна одлука на судиите, рече Апасиев и додаде дека бојкотот останува како единствено масовно средство за враќање на правната држава.
Има сознанија, како што рече Апасиев, дека уставните судии се повикувани на разговор пред денешната седница.
– Наше како јавност е да видиме кој ги повикувал судиите и се обидувал да им влијае врз исходот од оваа иницијатива, рече Апасиев.
За претседателот на СМК, Тодор Петров, одлуката на Уставниот суд не е прифатлива.
– Судиите во расправата беа контрадикторни. Тие отфрлија расправа за договорот со Грција, но заклучија дека со референдумското прашање не се гласа за ЕУ и НАТО, туку за договорот со Грција со кој се врши промена на името на државата. Истовремено, се суспендира референдумот од 8 септември 1991 година, кога народот во апсолутно мнозинство гласаше за самостојна Македонија без додавки и придавки. Иако одлуката на референдум по Устав е задолжителна, Судот за жал, сметаше дека ЕУ не е ниту сојуз за кој треба да се распише референдум, рече Петров.
Според него, одлуката на Уставниот суд ќе ја зацврсти определабата за бојкот на 30 септември.