Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијна Мицкоски во интервју за „Нова Македонија“ говори за политичката состојба во државата, економијата, евроатланскиот пат на Македонија, а се осврнува и на доктрината која беше претставена. Во продолжение интегрално интервјуто за Мицкоски.
Принципиелно, очекувањата на граѓаните од дејствувањето на политичарите и политичките субјекти е да понудат визија за иднината на државата, но и решенија за актуелните предизвици со кои реално се соочуваат. На конгресот на вашата партија ја претставивте „новата доктрина“ или „новиот договор“.
Дали доктрината навестува драстичен политички пресврт во концептот на ВМРО-ДПМНЕ, или поместување од традиционалните принципи и вредности на десничарските партии?
– Ние не бегаме од нашите демохристијански вредности. Напротив, би рекол дека ги доградуваме со принципи и вредности, кои ја отвораат партијата кон поширокиот политички спектар. И во тој поглед, политиката на таканаречениот „нов договор“ ја отвора партијата кон мудрите глави во ова општество, кои во првата епоха на развој на државата во овие 30 години беа ставани настрана или, би рекол, поттурнувани поради различни причини. Новиот договор значи отворање и повик за мобилизација кон тие луѓе. Затоа што оние што ја злоупотребуваат власта сакаат и имаат интерес токму овие луѓе да останат политички индиферентни и незаинтересирани, што, пак, остава простор лошите поединци со лукративни интереси да одлучуваат во името на сите други. Токму новиот договор, во времето што го нарекуваме втора епоха, треба да направи драматичен пресврт на обединување и заеднички патриотизам, што треба да биде точката на заеднички интерес на сите луѓе што живеат во нашата Македонија. Исто така, концептот на новиот договор значи и отворање на партијата за сите добронамерни поединци и групи, без оглед на припадноста кон заедниците, да учествуваат во револуционерните промени во начинот на однесување на политичката сцена и промените што треба да се случат за новата иднина, која им ја должиме на граѓаните. Нашата заложба е нашиот сон за револуционерни промени, кои треба да нѐ извадат од триесетгодишното блато во кое сме како држава.
Македонија не доби датум за почеток на преговори за членство во ЕУ и бугарското вето остана, што предизвика уште една огромна разочараност кај граѓаните и јавноста. Каде го гледате излезот од оваа ситуација? Има ли воопшто простор за евентуални нови отстапки и треба ли да се откажеме од тоа дека сме Македонци, од македонскиот јазик, историја, идентитет?
– Македонија и ние како Македонци немаме простор за какво било откажување. Ова е новосоздаден спор за време на оваа власт, а токму попустливоста, но и пазарџискиот менталитет на првиот човек на Владата, ѝ ги отвори апетитите на Бугарија, која во таквото блокирање го наоѓа својот интерес за внатрешната битка на тамошната политичка сцена. Македонските црвени линии се содржани во Резолуцијата изгласана во Собранието на Македонија и нема простор за попуштање на штета на националните интереси. Во последните два-три дена ќе чујам воодушевување од власта, Владата, вицепремиерите, претседателот на државата дека го поздравувале новиот пристап на новата бугарска владата кон овој спорт. А што кажа премиерот Петков, кое власта го оценува за позитивен нов пристап? Дека ќе разговараат не само за историјата туку и за други полиња важни за спорот меѓу двете држави.
Во исто време, кога наредниот ден Владата во Бугарија и нивниот претседател на државата повторуваат дека остануваат на бугарската декларација, која ги оцртува максималистичките и, би рекол, асимилаторски бугарски барања кон нас. Дополнително на ова ќе излезе и бугарски европратеник со изјава среде Европскиот парламент дека Македонија била втора бугарска држава, а притоа никој во македонската влада, македонското МНР, вицепремиерите, претседателот на државата нема да излезе и да го осуди таквиот негаторски однос. Притоа во јавниот етер останува само нивното воодушевување од, како што тие го нарекоа, новиот пристап на бугарската влада, кој всушност значи непроменети позиции. Тој пристап може ќе значи повеќе пари за некој авионски билет повеќе за средби на Бучковски и Османи, но нема да смени ништо суштински, зашто е јасно дека Бугарија останува на своите позиции.
Во тој контекст, Владата, оваа и секоја наредна, мора да води офанзивна и проактивна политика на заштита на нашите интереси. ВМРО-ДПМНЕ е за отворени односи со нашите соседи, но и за заемно почитување. Ако бараат почит, тогаш ќе мора да дадат почит. Впрочем, тоа е принципот на реципроцитет. Од друга страна, јасно е дека оваа влада повеќе не може да испорача квалитетни реформи што ќе гарантираат напредок на полето на интеграциите. Исто така се губат причините за седење во Владата и на Алтернатива и сите други партии на кои изговор им беше напредокот во полето на евроинтеграциите, кои, еве, гледаме дека не се случуваат. Затоа изборите се едно од одржливите и неопходни решенија. На државата ѝ се потребни нова енергија и нов елан.
Според вас, кои се најголемите предизвици за Македонија во овој миг, на внатрешен и на надворешен план?
На внатрешен план најголем проблем е сиромаштијата, како и фактот дека сѐ поголем број нови луѓе сѐ повеќе осиромашуваат. Економијата би рекол дека е разорена, додека Владата не нуди ништо атрактивно за поддршка на она што треба да биде двигател на стопанството. Уште еден заеднички проблем за сите краишта и градови на земјата е сѐ поголемото иселување. Стотици илјади граѓани ја напуштаат државата и се во потрага по подобар живот во странство. И не е само онаа категорија луѓе со ниски примања, туку сѐ повеќе луѓе и со повисоки примања се одлучуваат за таков потег, бидејќи одбиваат да живеат во руиниран систем. Друг проблем претставуваат немањето правда и високиот степен на корупција. Денес се плаќа мито за вадење обичен документ од државна институција, за медицински преглед, за операција на клиника и што уште не. Државава е рекордер на скалите за корупција и најзапрепастувачки е што Владата и институциите што треба да бидат задолжени за тоа не даваат никаков отпор. На надворешен план најголем проблем е тоа што Владата нема државна стратегија за заштита на националните и државни интереси поради што и државата е предмет на уцени. Исто така, Македонија е предолго надвор од рамките на Европската Унија, што е и последица на фактот дека нема реформи, нема одговорност кога ќе имате сообраќајка во која ви умираат 45 луѓе, кога немате систем за заштита на граѓаните. Македонија ја нема во глобалниот распоред на силите во балкански рамки и неподготвена ги пречекува новите процеси.
Целото интервју на овој линк