„По детектираните 16 случаи на Ковид во битолскиот Затвор, сите здравствени мерки кои се предвидени согласно протоколите, се преземени и состојбата будно се следи“, се огласи денеска директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски. Вчера, кога затвореник за ТВ Алфа ексклузивно откри дека во затворот има ковид-кластер и се жалеше од условите во кои ги третираат, Спасовски беше недостапен. Денеска реши да се огласи. Рече дека дури на затворениците им било понудено и вакцнирање, но тие одбивале, па сега, најголем дел од инфицираните биле токму невакцинираните.
„Еве голем дел од нив се токму тие невакцинираните… Нема што да криеме ние, навистина е така, меѓутоа тоа се лица изолирани и вие знаете дека и надвор има Корона… користат викенди, трансмисија има, сигурно е од надвор…Сега ги изолиравме сите тие луѓе, ја следиме нивната здравствена состојба, добиваат витамини..и се’ што е предвидено“ – изјави за Алфа, директорот на Управата за извршување на санкции, Марјан Спасовски.
Наспроти овие тврдења на Спасовски, нашиот вчерашен соговорник, заразениот осуденик, денеска вели дека надлежните само се правдале, а додека реалната состојба во Затворот била повеќе од очајна.
„Лага е, дојдете видете сами.. тој треба да дојде да не посети, никој не не’ посетил како прво, доктор не не’ посетил овде, немаме докторка, докторката ни го направи овој вирус. Ни викаше – немате ништо… Со две дози сум вакциниран и земам по четири инфузии на ден… Синоќа не сум спиел, до 7 сабајле не сум спиел, ми се запираше дишењето…Ние сме 4-5 што сме со Корона, тројца се стари по 80 години, по два месеци имаме да лежиме. Тие можат да не’ амнестираат, да не’ пуштат да се лекуваме дома… Не се сите вакцинирани, но повеќето се вакцинирани“, – вели нашиот соговорник, пренесува Алфа.
Инаку, по вчерашниот прилог на Алфа, со своја реакција за состојбата во битолскиот Затвор, каде од 20 тестирани осуденици, дури 16 се позитивни, а има и еден починат од персоналот, на социјалните мрежи се огласи и адвокатот Сашо Дукоски, според кого, целата вина за актулената состојба во битолскиот Затвор била во Управата за извршување санкции и во нејзиниот директор Марјан Спасовски. Дукоски, освен што го критикува ноншалантното однесување на Спасовски, во својот статус прашува и каде се сега невладините организации, како на пример Хелсиншкиот комитет, кои имаат сериозни грантови за заштита на човековите права во затворите и другите затворени установи, нарекувајќи ги партиски војници, ботови и некадарници.