ЏАВИД: Ковидот нема да замине, ќе биде меѓу нас многу, многу години, можеби засекогаш, и мора да научиме да живееме со него…

/ 21.01.2022

Лесното пренесување на новата варијанта на Ковид-19 – омикрон, како во светот, така и кај нас, продонесе за драстично зголемување на бројот на новозаразени. Според последните податоци во земјава се активни 19.104 случаи. Од почетокот на пандемијата досега се направени вкупно 1.727.856 тестирања, дијагностицирани се 250.876 заболени, оздравеа 223.606 пациенти, а починаа 8.166 лица.

Министерот за здравство Беким Сали, околу најавите на промените во Комисијата за заразни болести, нагласи дека тие промени ќе бидат во насока на проширување и дополнување на нејзиниот состав со нови професионални кадри од повеќе области, посочувајќи дека во тек се дискусии за тоа прашање.

Професионалното работење на Комисијата за заразни болести, посочи министерот, е од најголема важност, а одговорот кон потребите на граѓаните врвен приоритет.

– Апсолутно го разбирам интересот на јавноста за натамошните чекори поврзани со составот на ова тело, бидејќи околностите бараат засилено и координирано дејствување врз основа на стручни и реалистични проценки. Во оваа Комисија веќе има доста искусни професионалци во своите области, а натамошните чекори ќе подразбираат надградба, усовршување и професионализација. Целта на овие мерки е секако намалување на бројот на заразени лица, како и воопшто заштита на јавното здравје, во најдобар интерес на граѓаните, додаде министерот Сали.

Имено, повеќе од три милиони новозараени со коронавирус дневно биле пријавувани во просек во светот помеѓу 13 и 19 јануари, повеќе од петпати отколку на крајот на ноември кога се појави сојот Омикрон.

Во изминатите седум дена во просек биле пријавени 3.095.971 случај на ден, што е зголемување за 17 отсто во однос на претходната недела.

Ширењето на сојот омикрон, предизвика нагло забрзување на пандемијата во светот во последниве недели: сегашните бројки се околу 440 проценти повисоки од 569.000 случаи дневно пријавени во просек помеѓу 18 и 24 ноември 2021 година, кога омикрон сојот на коронавирусот беше откриен во Јужноафриканската Република и Боцвана.

Тековните податоци се значително повисоки од бројките во претходните бранови на Ковид-19 во светот. Пред појавата на омикрон, рекордот беше 816.840 случаи на ден кои беа пријавени во просек помеѓу 23 и 29 април 2021 година.

Во моментов, најголем пораст на инфекции има во Азија (385.572 случаи на ден во просек во последните седум дена, што е за 68 проценти повеќе од претходната недела), Блискиот Исток (89.900 заразени дневно, +57 проценти) и Јужна Америка и Карибите (397.098, +40 проценти).

И бројот на смртни случаи во светот моментално е во пораст (7.522 смртни случаи дневно во просек во последните седум дена, што е за 11 отсто повеќе од претходната недела) и тој број е поголем од бројките објавени кон крајот на ноември.

Тешките форми на болеста, исто така, се чини дека се поретки кај омикрон отколку кај делта, варијанта која претходно доминираше. Во Велика Британија, на пример, бројот на нови инфекции се зголеми за повеќе од 330 отсто во просек помеѓу крајот на ноември и почетокот на јануари. Во исто време, бројот на пациенти на респиратори не се зголеми.

Вчера грчкиот весник „Та неа“ објави дека најмалку 40 монаси на Света Гора починале од Ковид-19, од вкупно 1.800 монаси, околу 1.000 се разболеле, а само 500 се вакцинирани.

Игуменот од еден од манастирите, архимандритот Вартоломеј за весникот вели дека процените се дека над 40 монаси починале од Ковид-19, од кои двајца вчера и додава дека некои монаси се хоспитализирани и приклучени на апарати на интензивна нега.

Весникот пишува дека еден манастир е во карантин, два-три манастири, превентивно се затворени за верниците, а меѓу постојаните жители на Света Гора има и 400 монаси од Србија, Романија, Бугарија и Русија, кои категорично одбиваат да се вакцинираат и кога дел од нив се разболеле, побарале лекари од Белград, бидејќи не сакале лекување од грчки лекари.

Според „Та неа“, но и според натписите во грчките медиуми од изминатиот период за време на пандемијата, на Света Гора постојат постари монаси кои се категорично против вакцинацијата и се најгласни меѓу антиваксерите, а воедно ги советуваат и верниците кои ги посетуваат дека не треба да се вакцинираат.

По изјавите на монах од Света Гора дека постојат монаси – антиваксери кои со нивната реторика ги повикуваат верниците да не се вакцинираат и се одговорни за многу смртни случаи, пред неколку дена реагираше Обвинителството во Солун и покрена истрага за евентуално ширење лажни вести.

Бројот на заразени за зголемува и секоја земја презема различни мерки, па така австрискиот Парламент вчера изгласа задолжителна вакцинација на возрасните против Ковид-19 од 1 февруари.

Австрија е првата земја во Европа која воведува задолжителна вакцинација. Пратениците гласаа за задолжителна вакцинација, што ќе важи за сите жители на возраст од 18 и повеќе години. Исклучок се бремените жени, лицата кои не можат да се вакцинираат од здравствени причини или кои закрепнале од инфекција со коронавирус во последните шест месеци.

До средината на март е планиран преоден рок без казни, а потоа високи казни до 3.600 евра.

Од друга страна, британскиот министер за здравство Саџид Џавид, нагласи дека Велика Британија мора да научи да живее со Ковид-19, бидејќи болеста може да остане меѓу нас засекогаш.

– Мораме да научиме да живееме со него. За жал, луѓето умираат и од грип: во тешка година со грип, за жал може да изгубите околу 20.000 животи, но затоа не ја затвораме целата земја. Ковидот нема да замине. Ќе биде меѓу нас многу, многу години, можеби засекогаш, и мора да научиме да живееме со него… Мислам дека сме лидери во Европа во транзицијата од пандемична во ендемична и водиме во покажувањето кон светот како може да се живее со Ковид-19, истакна министерот.

Британскиот премиер Борис Џонсон завчера најави дека следната недела ќе ги укине повеќето рестриктивни мерки воведени за контрола на омикрон сојот на коронавирусот во Англија, како и дека во март планира да ја укине изолацијата за луѓето кои биле позитивни на вирусот.

Од 27 јануари носењето маска веќе нема да биде задолжително, нема да биде официјално препорачливо да се работи од дома, а ковид потврдите веќе нема да се бараат за влез во ноќни клубови и одредени поголеми собири, изјави конзервативниот лидер во Парламентот.

– Со оглед на фактот дека ковидот станува ендемична болест, ние треба да ги замениме законските обврски со упатства и препораки, истакна Џонсон.


Од истата категорија