Коалционите партнери во власта, СДСМ и ДУИ, веднаш откако беше соопштена веста дека е постигнат договор за минималната плата, почнаа со лицитации кој чести 18.000 денари минимална плата?

Функционери на ДУИ побрзаа да кажат дека тоа е нивно дело и дел од нивната програма, а од СДСМ, пак, дека минималната е нивна заслуга и реализација на нивната програма.

Министерот за економија, Крешник Бектеши вечерва во дебатниот магазин Клик плуд на ТВ21 посочи дека 78.000 работници земаат минимална плата од 15.200 денари.

– Мнималната плата ќе ја покрие просечната плата со 60,76 отсто и таа ќе изнесува 18.000. До крај на годината Владата ќе ја покрие разликата од тоа што се сложија стопанствениците до таа од 18.000 што ја бараше синдикатот, истакна Бектеши.

Тој додаде и дека растот на минималната и просечната плата во реалниот сектор е поголем од тој во администрацијата.

На крај, Бектеши напомена и дека заслуга за оваа мерка има министерот за финансии Фатмир Бесими и ДУИ како политичка партија, затоа што ова ветување е од предизборната програма на ДУИ, а се реализира сега од Владата.

Заменик- претседателката на СДСМ и директорка на УЈП, Сања Лукаревска, пак вели дека минималната плата била цврста заложба и реализација на СДСМ.

– Ова е уште едно ветување кое е реализирано од програмата на СДСМ, вели Лукаревска.

Но, се јави и првиот вицепремиер Артан Груби кој рече дека со вчерашната одлука од 1 март зголемување на минималната плата е реализирано уште едно ветуваше од изборната програма на ДУИ.

Во „војната“ меѓу коалициските владејачки партии утрово влезе и опозициската Левица:

– Добро утро жолти синдикалисти. Да не го пуштеше Левица предлог-законот во Собрание (при што секој пратеник кој ќе гласаше против ќе беше изложен на шејминг од народот) – сега, наместо зголемена минимална плата, ќе имавте тикви со расол, објави на својот профил на Фејсбук лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

Вистината е дека за минималната плата солидарно честат сите даночни обврзници на Македонија, од чии пари, преку буџетот се покачува инималната плата.

Поздрави и честитки за минималната плата испратија актуелните лидери на СДСМ и ДУИ, Димитар Ковачевски и Али Ахмети, како и пораншениот лидер на СДСМ и бивш премиер Зоран Заев. Кон поздравите и честитките се приклучија и голем број функционери на владејачките партии, како и граѓани и нивни симпатизери.

(Д.Г.)