Никој нема право да се коцка со идентитетот, традицијата, историјата и културата на Република Македонија, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
– Никој нема право да се коцка и како влог да ги става името на државата, граѓаните на Република Македонија или тоа што ни го оставиле генерации пред нас кои не ги жалеле своите животи само за да се изборат за суверено парче држава, во кое што ќе бидеме свои на своето. Никој не му го дал право на Зоран Заев за да се коцка со името и Уставот. Заев може да се коцка и како влог да ги става фабриките на Вице, моторите кои ги вози, плантажите со марихуана или камионите кои ги ангажира во РЕК Битола, но не смее да става како влог нешто што не е негово, рече Стоилковски.
Портпаролот на опозициската партија додаде дека за Заев, промената на Уставот кон обезличување на еден народ и креирање на нова држава без минато е коцкарска игра.
– Признава, игра на се или ништо, или комплетно обезличување на Македонците и Република Македонија или ништо! Играл тој со сите „кецови и џокари во ракав. Повеќе не е смешно. Зоран Хазардерот Заев признава дека се коцка со минатото и иднината на македонскиот народ. Се коцка со цела држава Република Македонија. Како влогот на коцкарска маса ги става идентитетот, народот, историјата, културата, трагедијата на децата бегалци, Илинденското востание, АСНОМ. Заев признава дека ова е игра на се или ништо, дека за Македонците и Македонија во овој негов личен договор за капитулација, не води сметка дали ќе се загуби се, се’ што значи Македонија, Македонци, македонско, што ќе се загуби идентитетот, што ќе се загубат сите македонски институции преку кои Македонците го докажуваат идентитетот пред светот! Влогот му се граѓаните, мирот, стабилноста, границите на државата, неделивоста на територијата на Република Македонија, рече портпаролот.
Наместо вакви лудости, додаде Стоилковски, Заев и СДСМ мора да признаат ШТО СЕ Е ПРИФАТЕНО ОД ГРЧКИТЕ БАРАЊА ЗА АМАНДМАНИ во Уставот и што е тоа непријатното во заевото „Ол Ин“?
– Заев мора да каже какви ќе бидат измените и што предвидуваат амандманите од Грција за Преамбулата, за членот 3 за членот 49 во Уставот на Република Македонија!? Дали Преамбулата на Уставот на Република Македонија ќе биде полна со фалсификувани факти: дека Македонскиот народ и останатите делови од народи се бореле за создавање на Северна Македонија? Дали ќе се бришат одлуките донесени на АСНОМ за создавање на самостојна Македонија? Или ќе пишува дека Референдумот 1991 бил за Северна Македонија, што е фалсификување на историјата? Заев мора веднаш да одговори што се бара од Република Македонија за нејзината граница? Дали се бара да се откаже од нејзините граници, или од нејзината неделивост и неотуѓивост на територијата? Дали Амандманите согласно членот 7 од Договорот од Преспа Владата прифаќа дека ниту има македонски народ, ниту има македонски јазик надвор од границите на територијата на Република Македонија? Што е спорно во членот 49 од Уставот на Република Македонија „Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“- овој член веќе менуван на грчко инсистирање 1992 година, продолжи Стоилковски.
Тој рече деа и денеска ќе повтори: Овие измени и фалсификувања на историските факти во Уставот нема да завршат тука.
– Тие ќе бидат темел за менување на се’ она што ќе го работи грчката комисија за долгогодишно ревидирање, бришење на учебниците, картите, на бришење на архивите, за фалсификување на државните, но и на личните и на семејните сеќавања на трагедиите и борбата за Македонија. Затоа овие прашања заслужуваат одговор за да можат граѓаните да донесат правилна одлука како и што ќе прават на 30-ти септември. Владата треба да е искрена и да им каже на граѓаните дека на 30-ти септември не одлучуваат за Европска Македонија туку дали ќе се обезличи македонскиот народ и ќе се создаде нова држава која што ќе се вика Северна. Доколку Заев нема што да крие, нека излезе на ТВ дуел со претседателот Христијан Мицкоски и нека ги отвори картите, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.