Едностраните санкции против Русија само ќе ги зголемат раздорот и конфликтот околу Украина, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Ванг Венбин, коментирајќи ја заедничката изјава на Г7 за подготвеноста за воведување санкции кон Москва.

– Во сегашната ситуација, едностраните санкции можат само да ги зголемат поделбите и застојот. Кина ги повикува сите страни да дејствуваат рационално, да ја решат кризата во Украина преку дијалог и преговори, рече тој, додавајќи дека драматизацијата на ситуацијата и шпекулациите за војна се неодговорно однесување.

Санкциите и притисоците, додаде тој, нема да помогнат во решавањето на ситуацијата, а промовирањето на блокадата води само до стариот пат на Студената војна, пренесува ТАСС.

Вчера министрите за финансии на Г7 ја повторија својата подготвеност да воведат санкции кон Москва со „широки и непосредни последици“ за руската економија во случај на инвазија на Украина.

„Секоја натамошна агресија на руската армија против Украина ќе наиде на брз и координиран одговор“, наведе Групата на седум индустриски најразвиени земји.