Европскиот парламент го осуди сецесионизмот на српскиот член на Претседателството БиХ, Милорад Додик, па го повика Европскиот совет да воведе санкции за лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи, како и за неговите соработници.

– Се повикува Советот да наметне санкции за Милорад Додик и неговите сојузници, поради неговите коруптивни активности, континуирана дестабилизација на земјата и поткопување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, се наведува во амандманот од годишниот извештај на Одборот за надворешни работи на Европскиот парламент,јави сараевскиот портал „Кликс“.

За амандманот гласаа 504 пратеници, против 93, а 72 се воздржаа од гласање.

Во амандманот, остро се осудуваат неуставните сецесионистички мерки на властите на Република Српска, а целта е, како што се наведува, формирање паралелни институции на подрачјето за медицина и медицински производи, правда, одбрана, безбедност и оданочување.

Со тоа, како што пишува, ги поткопуваат државните структури на Босна и Херцеговина, создава егзистенцијална закана кон нејзиното единство и територијален интегритет.

Се осудува и „штетната улога на регионалните актери и надворешното мешање на Русија“.