Поскапуваат становите во Македонија, но не само новоизградените, туку и старите.

Ова за порталот фактор го потврдуваат од агенциите за недвижен имот низ Maкедонија.

– Во Битола веќе имаме цена од 1.000 евра за нови, и 700 евра по квадрат за стари станови. Но, дел од тие цени се нереални затоа што некои станови се во добра состојба, а на некои им треба реновирање. Она што забележувам е дека старите станови на први, втори и трети кат држат цена, велат за порталот од битолска агенција за недвижен имот.

И во Охрид додаваат дека се случува истото. Новите станови достигнуваат и до 1.300 евра по квадрат, а старите од 700 до 900 евра.

– Цените не се реални за старите станови. Но, поради побарувачката и газдите на старите станови си држат висока цена, тврдат од агенција за недвижен имот во Охрид.

Овој тренд е присутен скоро во цела држава, со акцент на градовите каде стандардно има интерес за купување на недвижен имот.

Од агенциите објаснуваат дека често пати се случува луѓето кои ќе купат стар стан за реновирање да дадат 10.000 евра, и на крајот вкупната потрошена сума да биде скоро како онаа што би ја дале за купување на нов стан.

Поскапувањето на становите во Скопје ги дига цените и во другите градови.

– Од 50 до 100 евра е зголемувањето на цените по квадрат поради поскапувањето на градежните материјали, а сѐ друго е однос на понуда и побарувачка. И половните, односно старите станови го следат овој тренд. Во Велес нова градба чини од 750 до 850 евра по квадрат, а старите станови се од 500 до 600 евра, зависно од локацијата, велат од агенцијата Дематели од Велес.

Рекорден раст на цените на недвижнините имало во последното тромесечје лани. Становите поскапеле за дури 11,2 процентни поени на годишно ниво. Таков раст не е регистриран од 2009 година, пишува Фактор.