Марко КИТЕВСКИ
(Од „Македонски црковно-народен календар“)
Свети Ѓорѓи Кратовски е заштитник на градот Кратово, со силен култ не само во Кратовско туку и на многу поширок простор.
На 24/11 февруари Светата православна црква го празнува денот на Свети Ѓорѓи Кратовски кој на овој ден 1515 година во Софија бил мачен, а потоа запален, на 18-годишна возраст. По занает бил кујунџија и останал како заштитник на златарите и кујунџиите.
Свети Ѓорѓи Кратовски е роден во Кратово од родители Димитрија и Сара. По желба на родителите, по завршувањето на училиштето, го изучувал кујунџиски занает кој во Кратово во тоа време бил популарен и поради рудниците. Набргу станал познат мајстор. Бил необично убаво момче, а од тоа време во Кратово останала изреката „Убав како Ѓорѓи“.
Во тоа време турските власти собирале т.н. данок во крв, за пополнување на војската која напредувала кон Европа, правејќи војници-јаничари. За таа цел барале млади и способни деца. Знаејќи дека во Кратово нема да остане долго незабележан решил да замине во Софија, надевајќи се дека поголемиот град нуди повеќе можности да остане незабележан. Така преку Ќустендил пристигнал во Софија. И тука поради способностите набргу се стекнал со углед и бил забележан и од Турците. Му биле понудени благодетите на царските власти под услов да ја смени верата и да го прифати исламот.
Но младиот Ѓорѓи без размислување го одбил предлогот поради што бил ставен во затвор. Ја бранел верата Христова поради што бил мачен, а потоа и запален на клада на 24/11 февруари 1515 година.
Остатокот од неговите мошти попот Пејо ги погребал во црквата Света маченица Марина во Софија во присуство на целото свештенство и голем број верници. Подоцна на 28 мај/8 јуни моштите на Св. Ѓорѓи Кратовски биле пренесени во храмот Св. Георгиј Кападокиски во Кремиковскиот манастир покрај Софија и овој ден Светата православна црква го празнува како втор празник поврзан со името на овој светец. Во овој манастир светите мошти се чувале околу 300 години, а денес честици од нив
се наоѓаат на повеќе места како Драгалевскиот манастир во црквата „Св. Богородица Витошка“ покрај Софија, потоа во Рилскиот манастир, потоа дел од овие мошто има во Србија во манастирите Студенчица, Дечани во црквата „Покров на Пресвета Богородица“ на Фрушка Гора, а ги има и во манастири во Германија, Русија и други места.
Житие и служба за Св. Ѓорѓи Кратовски напишал попот Пејо. Според некои извори попот Пејо, бил истакнат книжевник од тоа време, потекнувал од селото Трново, Кривопаченечко, дури се вели дека бил во блиски роднински врски со светецот. Бил свештеник во Средец (Софија) во црквите „Св. маченица Марина“ и „Св. Ѓеоргие“.
Ѓорѓи во Софија живеел кај попот Пејо, тој му бил заштитник на младиот кратовчанец и присуствувал на неговото судење и мачењето како и на запалувањето. Затоа неговото житие кое што е напишано веднаш по маченичката смрт на светецот, односно меѓу 1515 и 1523 година, донесува веродостојни податоци за настаните. Житие за Св. Ѓорѓи Кратовски било напишано и во Русија според кажувањето на некои монаси од Света Гора кои раскажувале за судбината на Св. Ѓорѓи Кратовски и за животот на христијаните во Македонија. Меѓутоа бидејќи овие монаси посредно дошле до сознанијата за судбината на светецот ова житие содржи низа неточности. Како и да е така почнал да се шири култот на Свети Ѓорѓи Кратовски.
На иконите, Св. Ѓорѓи Кратовски е претставен како голобрадо момче во кошула со крст во десната рака и маслинова гранка во левата. Над ореолот има напис: „Свети Ѓорѓи кој настрада од Селим“. Неговиот лик бил насликан во црквата „Св. Ѓорѓи“ во с. Патралица-кривопаланечко во манастирот „Студеница“ и др. места. Во црквата „Света Богородица“ во Скопје бил претставен со крст во десната и книга во левата рака. Од 17 век е сликан во национална носија. Култот на Св. Ѓорѓи Кратовски од Македонија се проширил и во Србија, Бугарија и Русија. Набргу по неговата смрт за покровител го зеле кујунџиите и ковачите во Македонија (Кратово и Скопје), Бугарија (Софија) и Србија (Пирот).
За Св. Ѓорѓи Кратовски се забележани повеќе преданија. Во нив главно се раскажува она што е запишано во житието на поп Пејо. Уште се раскажува дека неговата родна куќа во Кратово била во маалото Балакалак (според некои Аргулица) под кафеаната на Мара Лопка. Урнатини од оваа куќа можеле да се видат до 1939 година. Останало запаметено дека во 1924 година неколку момчиња од градот ја изведувале драмата „Ѓорѓе Кратовац“ која предизвикала големо внимание во градот. Драмата се изведувала во Манговата кафеана. Артистите биле облечани во носии од времето на светецот, на крајот од претставата учесниците палеле оган, во средината на огнот седел Ѓорѓи врзан, а над неговата глава стоел бел ангел со венец над главата.
Во други преданија се раскажува како Св. Ѓорѓи им се јавувал на сон на некои жени да набават некои предмети за црквата. Според едно предание кога Турците го изгореле Св. Ѓорѓи во Софија тој се појавил во друга соба со книга во рацете. Потоа Турците наредиле да се закопа.
Според друго предание кога Св. Ѓорѓи бил запален во Софија од Витоша слегла магла до огнот, а потоа низ маглата заврнал дожд. За да не згасне огнот Турците ги искршиле околните плотови и го силеле огнот, а во огнот фрлале и животни за да се измешаат коските на животните со коските на светецот.
Но, сепак некој успеал да ги оддели и да ги извади моштите на Св. Ѓорѓи, а другиот ден поп Пејо го измолил великиот судија да му дозволи да го погребе момчето според христијанските закони. Тоа било направено во третата година од царувањето на Султан Селим. Народот уште верувал дека на денот кога се празнувал споменот на Св. Ѓорѓи извирале крв од ѕидовите на црквата Св. Ѓеоргиј Кападокиски и на местото каде што бил запален.
Како и да е Св. Ѓорѓи Кратовски останал и во споменот на народот, но особено кон него почит искажувал народот од Кратово и кратовскиот крај.
Денес Св. Ѓорѓи Кратовски е покровител и заштитник на градот Кратово. На 27 декември 2001 година локалната самоуправа на градот Кратово донесла одлука 24 февруари (н.с.) да се прогласи за патронен празник на Кратово, започнувајќи од 24 февруари 2002 година. Одлуката гласи: „Свети Ѓорѓи Кратовски се прогласува за патрон на град Кратово.“