Рускиот претседател Владимир Путин денеска разговарал по телефон со францускиот претседател Емануел Макрон.
Елисејската палата соопшти дека Путин истакнал дека руската воена операција се одвива „според планот“ и „со темпо што тој сака“.
Макрон му рекол на Путин дека „прави сериозна грешка“ и додал дека украинската влада не е, како што тврди Русија, нацистички режим.
Според Макрон, гледиштето на Путин не ја одразува реалноста.
Францускиот претседател посочил дека е загрижен за влијанието врз цивилите, вклучително и од бомбардирањата околу Киев – нешто што Путин го негираше, објави Би-Би-Си.
Макрон му рекол на својот колега од Русија дека ќе заврши „како многу изолирана, слаба земја“ под санкции.
Францускиот претседател Емануел Макрон смета дека „најлошото допрва доаѓа“ во Украина, откако Путин, кој ја изрази „својата голема одлучност“ да продолжи со офанзивата со цел „да ја преземе контролата“ во целата земја, соопшти Елисејската палата.
По едночасовниот телефонски разговор, рускиот претседател му рекол на својот француски колега дека операцијата на руската армија се развива „според планот“ и дека ќе се „влоши“ доколку Украинците не ги прифатат неговите услови, соопшти француското претседателство.
„Очекувањата на претседателот (Макрон) се дека најлошото допрва доаѓа, со оглед на тоа што му го кажа претседателот Путин“, се додава во соопштението.
Кремљ денеска, по разговорите на двајцата претседатели, соопшти дека Путин му порачал на Макрон дека Русија има намера да ја продолжи бескомпромисната борба во Украина.