Во родното Тетово денеска на 81-годишна возраст почина Томислав Стојановски-Бомбај, поранешен истакнат политичар, пратеник во Собранието на Република Македонија и лидер на Демократската партија на Македонија (ДПМ).
Тој беше избран за пратеник на изборите во 1994 година и во Собранието помина цел мандат, во кој остана запаметен како неуморен говорник и бескомпромисен борец за зацврстување на младата македонска демократија. Бомбај беше и кандидат за тетовски градоначалник во 2009 година.
Стојановски работеше и како директор на енергетското одржување на некогашниот текстилен гигант „Тетекс“, а беше и долгогодишен директор на Средното земјоделско училиште „Моша Пијаде“ во Тетово, кое под негово раководство ги постигна својот најголем подем и најголемите успеси како образовна установа.
По пензионирањето, Стојановски го основа и со години го одржуваше Тетовскиот фолк фестивал, кој се одржуваше во манастирскиот комплекс во селото Лешок.