Откако во Собранието се донесе зголемувањето на минималната плата ние веднаш упативме писмо до ресорните министри за барање за работна средба за усогласување на останатите плати согласно минималната плата и колективните договори, истакна претседателот на СОНК, Јаким Неделков, во „Што не е јасно“ со Искра Коровешовска.

– За жал и после 5 години ние се соочуваме со истиот проблем кои само повеќе и повеќе се продлабочува. Континуирано минималната плата се зголемува, меѓутоа на останатите работници по работни места согласно колективните договори и закон платите тогаш многу малку или воопшто не им се зголемуваа, посочи Неделков.

Тој кажа дека конечно ова мора системски да се реши. Ова е системско прашање и не може до недоглед да иде вака и проблемот мора да се надмине. Ние поставуваме една рамка во која очекуваме да завршат преговорите односно оставајќи простор од 15ти март до крајот на март да се искористи овој период за имплементирање на договорот.

– Пакетот на побарување во образование е некаде 78% зголемување на плата во основно и средно образование. Ние понудивме овој пакет на побарување да биде во динамика односно во етапи и за помалку од 2 години да се дојде до ова сума. Владата би требало овој предлог да го прифати бидејќи во спротивно доколку ова не се прифати Владата ќе има сериозни проблеми бидејќи атмосферата во установите односно детските градински, основното и средното образование е многу зовриена, заклучи Неделков.