Министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска го прими британскиот министер за Европа и Северна Америка Џејмс Клеверли, кој е во дводневна работна посета на Софија, соопшти прес-центарот на бугарското Министерство за надворешни работи.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, на средбата двајцата разговарале за прашања поврзани со продлабочување на билатералната соработка, состојбата во Украина и заедничките напори за градење капацитети за спротивставување на дезинформациите.
Во врска со надминувањето на последиците од случувањата во Украина, бугарската министерка Генчовска истакна дека Бугарија прави напори да им помогне на најпогодените земји во близина на зоната на конфликтот и да им пружи помош на оние кои бегаат од војната. Генчовска рече и дека Бугарија ја поддржува европската перспектива на Украина, Молдавија и Грузија.
Таа го информираше британскиот министер за европски прашања Клеверли за напорите на бугарската Влада во последните месеци за интензивирање на дијалогот со Република Македонија и рече дека е подготвена да го поддржи процесот на европска интеграција на Западен Балкан по исполнувањето на потребните критериуми.
Генчовска и Клеверли се согласија дека е потребна заедничка акција за спротивставување на дезинформациите. Министерката Генчовска од своја страна истакна дека темата е во првите редови на агендата и Бугарија ја цени британската поддршка во оваа област.