Во вечерашното гостување на Алфа Телевизија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека доколку власта го прифатеше предлогот на ВМРО-ДПМНЕ народот сега ќе плаќаше 11 денари поевтино гориво.
„Доколку го намалите данокот, тогаш тоа нема ефект, даночната основица повторно е голема и повторно ќе имате зголемување на цените на основните артикли во маркетите. Тука е суштината, затоа ние сакавме да зафатиме со нашиот предлог повеќе во даночната основица, отколку отколку во данокот на додадена вредност. Се со цел да го заштитиме колку толку стандардот на граѓаните и да не дозволиме зголемување на цените. Ако го прифатеа тоа што ние го предлагавме тогаш безоловниот 95 и 98 октани, даночната основица ќе беше некаде за 11 денари по литар помала од таа која што ја предлага владата односно дизелот ќе беше некаде околу 9 денари поефтин отколку тој што го предлага Владата“ нагласи Мицкоски.
Мицкоски додаде и дека ВМРО-ДПМНЕ се грижи за стандардот на граѓаните преку конечната цена на производите во маркетите а власта само за сопствениот приход во буџетот за да можат да поминуваат тендерите во четири очи.
Тој додаде дека во текот на утрешниот ден во парлементот ќе се дискутира за два закони кои што по скратена постапка треба да се донесат, а тоа е измената во законот за додадена вредност и измената во законот за акцизи.
-Иако ние тоа го предложивме уште таму некаде на крајот од минатиот месец, за жал, поради самобендисаноста, би рекол и надменоста на оваа Влада, граѓаните изминативе две недели плаќаа за неколку десетици денари за литар поскапо гориво… Ќе видиме како ќе се одвиваат работите деновиве, јас следејќи го она што е на меѓународните портали, следејќи го она кое што е актуелно во светот, не очекувам дека нешто бргу ќе се измени во насока на смирување на состојбата во конфликтното подрачје. И некако не можам да ја издвојам Македонија од сето тоа и дека граѓаните во Македонија, бидејќи немаше план за справување оваа Влада со сето ова кое што денеска се случува, ќе трпат последици на семејниот буџет. Ќе трпат и тоа е само како резултат на погрешните политики и немањето стратегија и визија на актуелната Влада“, нагласи Мицкоски.
Тој обелодени и еден алармантен податок:
-Долгот на Владата внатре во рамки на институциите, но и кон приватниот сектор е околу 400 милиони евра. Тоа е сериозен внатрешен долг. Ова се податоци кои се транспарентни, нека ме демантираат ако не е така, изјави Мицкоски.
Мицкоски истакна дека да биде попрецизен бројката е точно 389 милиони во четвртиот квратал и тоа се сериозни податоци кои се алармантни.
-Ова се сериозни податоци, не е ова гола бројка, ние имаме внатре правни субјекти кои меѓу себе се должничко доверителски поврзани. Сега ако јас вас не ве платам, вие ќе доцните со плата на вработените, ако вработениот не земе навреме плата, нормално е дека ќе има лош квалитет на живот за него и за неговото семејство. Ќе мора се скрати од буџетот иако заработил, нагласи Мицкоски.
Во врска со пакетите мерки на власта, Мицкоски изјави дека власта нема мерки со кои ќе стимулира да речеме вработување и да ги задржат вработените.
-Немаат мерки кои ќе им помогнат на компаниите да ги задржат работните места и да не ги отпуштаат вработените. Во овој пакет нема мерки кои ќе се стимулираат да се обезбедат работните места, потенцираше Мицкоски.