Пламените јазици на војната да ги замениме со јазикот на дипломатијата, на уметноста, на љубовта, порача претседателот на државата Стево Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Франкофонијата – 20 Март.
– C’est aujourd’hui la Journée internationale de la Francophonie! Денес е Меѓународниот ден на Франкофонијата. Денес, кога пламените јазици на војната се закануваат да го изменат светот кој го познаваме, уште повеќе треба да ги афирмираме вредностите во кои веруваме и кои ни даваат поттик да продолжиме понатаму, наспроти сите предизвици. Вредностите на демократијата, човековите права, толеранцијата и меѓусебното разбирање, вели Пендаровски во пораката.
Посочува дека Меѓународниот ден на Франкофонијата ни дава можност уште еднаш да проговориме за овие вредности, кои се дел и од франкофонската идеја и мисија.
-Да проговориме на француски, јазикот на кој низ историјата се истакнува идејата за слобода, братство и еднаквост. Да оддадеме посебна почит на јазикот на Молиер и на франкофонската традиција на нашата земја, знаејќи, истовремено, дека се работи за жива традиција која е мост и за иднината, во нашата, обединета Европа, додава шефот на државата.
Франкофонијата е почитување на разликите и културно преплетување кое, наведува Пендаровски, ни служи како инспирација и поттик за негување на јазикот, традицијата, историјата.
-Вредносна платформа за афирмирање и на македонскиот идентитет, јазик и историја, и негување на она што треба да е срцевина на секое општество: толеранција, солидарност, мултикултурност. Македонското општество ги живее тие вредности. Денот на Франкофонијата, нека биде инспирација да се практикуваат овие вредности, помеѓу останатото, и преку учењето на францускиот јазик. Пламените јазици на војната да ги замениме со јазикот на дипломатијата, на уметноста, на љубовта. Ensemble, nous construisons la Francophonie de l’avenir! Заедно да ја создаваме Франкофонијата на иднината!, порача претседателот Пендаровски.