Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Кремљ го забранил неговото интервју со руски новинари во неделата бидејќи е „уплашен“ дека во Русија ќе биде објавена вистината за инвазијата во Украина.

Неколку часа откако Зеленски на својот канал на Телеграм го објави 90-минутното интервју во кое зборува руски, руската влада издаде соопштение во кое ги предупреди руските медиуми „за неопходноста да се воздржат од објавување“ на 90-минутното интервју на Зеленски со новинарите, објавија државните медиуми.

Зеленски во телевизиското обраќање во неделата вечерта рече дека дејствијата на московското медиумско тело, кое тој го нарече „руската агенција за цензура“, би биле „смешни кога не биле толку трагични“.

-Тие ја уништија слободата на говорот во нивната држава, се обидуваат да ја уништат и соседната држава – рече тој.

Истовремено, рускиот независен истражувачки весник „Новаја газета“, чиј главен уредник Дмитри Муратов беше добитник на минатогодишната Нобелова награда за мир, денеска објави оти ги суспендира своите активности до крајот на „специјалната операција“ на Москва во Украина.

Весникот, кој веќе ја отстрани содржината од својата веб-страница за воената акција на Русија во Украина со цел да се усогласи со новиот закон за медиуми, вели дека добил уште едно, второ по ред, предупредување од државниот регулатор за комуникации „Роскомнадзор“ за неговото известување, што го натерало да го паузира објавувањето.