Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) соопшти дека изборите викендов и во Србија и во Унгарија биле нарушени поради „отсуство“ на еднакви услови за натпревар.
ОБСЕ смета дека во Унгарија гласањето било добро спроведено и понудило „различни“ алтернативи, но нејзината мисија од 312 набљудувачи од 45 земји открила дека гласањето било повредено „од сеопфатното преклопување на пораките на владата и владејачката коалиција што ја замати границата меѓу државата и партијата, како и медиумската пристрасност и непроѕирното финансирање на кампањата“.
На општите избори на 3 април, партијата Фидес на премиерот Виктор Орбан постигна убедлива победа, земајќи нешто повеќе од 53 отсто од гласовите, во споредба со 35 отсто од здружената опозициска коалиција предводена од Питер Марки-Зај.
Во потег без преседан за една земја-членка на ЕУ, ОБСЕ распореди целосна набљудувачка мисија за гласањето поради загриженоста за потенцијална изборна измама и употребата на државните ресурси за да и се даде на владејачката партија неправедна предност.
ОБСЕ на сличен начин ги критикуваше претседателските и парламентарните избори одржани во соседна Србија на истиот ден.
ОБСЕ исто така рече дека гласањето се одржало на „нерамномерно поле за игра“ со голем број недостатоци кои го насочуваат процесот во корист на актуелните функционери.
„Ова беше конкурентна кампања и, што е најважно, овојпат ги вклучи опозициските кандидати, но продорното влијание на владејачките партии им даде несоодветна предност“, рече Кирјакос Хаџијани, специјален координатор и водач на краткорочните набљудувачи на ОБСЕ.