Никола ГРУЕВСКИ

Деновиве е актуелно прашањето поточно барањето за зголемување на платите во јавниот сектор во Македонија, како и одговорот на власта дека нема да има покачување заради опасност од инфлација. Тоа е погрешна теза која наликува на изговор.

1. Во периодот додека бев премиер (а претходно во една прилика и како министер за финасии), платите во администрацијата се покачија неколку пати надвор од оние годишни усогласувања на платите со инфлацијата и трошоците за живот и тоа беше направено вклучително и во услови на голема светска финасиска и европска должничка криза и рецесии. Немаше ефект на инфлацијата, или барем не некој сериозен ефект.

2. Ефект на инфлацијата може да има ако тоа зголемување на плати се направи од квантитативни емисии/подршки/стимулации (популарно меѓу народот наречени “печатење пари”), или државни задолжувања кои посериозно и по трајно би го зголемиле буџетскиот дефицит, нешто што никој не го бара сега, ниту пак тоа ќе се случи.

Заштеди и прераспределба во буџетот од едни на други позиции е она што е во опција и тоа не може да има или барем не некои сериозни инфлаторни ефекти. Некаде и не треба специјални мерки за заштеди бидејќи неефикасноста во извршување на буџетот ќе заврши дел од работата.

Всушност преку-умерените квантитативните поддршки независно дали одеа како неселективна распределба на чекови како готовински поддршка за населението или квантитативни стимул за изведба на јавни работи, но и делумно заради задоцнетите реакции на монетарната политика (централните банки), пред се во најсилните економии во светот заради очигледно погрешното верување на голем број економисти во светот дека инфлацијата ќе е многу привремена и неколку месечна појава, се создаде почетокот на овој проблем во светот, а кој е директно поврзан со кризата предизвикана од последиците од Ковид-19. Подоцна на тоа се надоврзаа повеќе други фактори и причини.

На крајот цената ја плаќа општото население преку инфлацијата. Таа во случајот е еден вид на данок кој е многу рецесивен данок, па дури и ако имаме рамен данок во земјата.

3. Незголемувањето на платите во услови на околу 9% инфлација на годишно ниво може да доведе до пад на куповната моќ на населението, што би водело кон пад на потрошувачката и ризици од рецесија предизвикани од тоа.

Ова посебно затоа што и пред овој период имаше одредена инфлација и континуирано зголемување на трошоците за живот кои со измена на законите по доаѓањето на новата власт беа недсодветно и нефер третирани.

4. Државниот буџет заради зголемувањето на цените на светските берзи на метали, енергенси, храна, транспорт, разни услуги кои заради прекинот на некои ланци на испорака поскапеа, итн сега прибира повеќе приходи од царини и даноци, особено ДДВ, па оттука има логика дел или сите тие вишоци над проекцијата а создадени со зголемувањето на цените, да се пренасочат во повисоки плати на јавниот сектор, кој сигурно ќе изврши притисок и на приватниот сектор, каде основниот фокус треба да биде во зголемувањето на продуктивноста на трудот.