Случајот со смртта на Денис Тот хрватските медиуми го опишуваат како голем скандал, и обид за заташкување на истиот.

-Ова е невидено. Свесно се заташкува случајот. Политички се компромитирани, врхушката на болницата ги стави под тепих работите. Ова ќе биде голем скандал, доколку нема притисок од обвинителството. Срамно е за секој лекар. Се надевам дека сите ќе одговараат, бесено истакнал високо позициониран извор на скопските Клиники за хрватската телевизија „24 часа“, кој уште вчера за оваа телевизија изјавил дека Денис во болницата бил донесен брутално претепан и со крвава глава, притоа додавајќи дека во тепачката се користеле боксирачи и други тврди предмети.

Кривично правниот настан се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал.​