Владејачкиот СДСМ секој ден ги „качува“ платите во соопштенијата што ги испраќа до јавноста од седиштето на Бихаќска. Во соопштението се споредуваат плати од пред 6 години, кога и лебот и бензинот и маслото за јадење… имале други, односно многу пониски цени.

Го објавуваме соопштението во целост за читателите сами да заклучат како лесно „СДСМ го штити стандардот на граѓаните“:

СДСМ преку Владата и парламентарното мнозинство што ги предводи во овие години покажа на дело што значи вистинска грижа за воспитно образовниот кадар.

Во периодот од 2017 до 2022 платите во образованието, преку отворен и инклузивен дијалог се покачија за 21 отсто.

Во апсолутен износ, наставник во основно образование денес има плата од 24.786 денари плус минат труд, што е за над 3.200 денари повеќе во однос на времето на ВМРО-ДПМНЕ. Истиот наставник во 2016 година имал плата од само 21.521 денари. Во средно образование, платата на професорите денес изнесува 25.874 денари плус минат труд.

Значително зголемување има и во делот на детската заштита. Негувателка во времето на ВМРО-ДПМНЕ во 2017 добивала плата од 14.493 денари. Денес платата на негувателката изнесува 19.560 денари, плус минат труд. Тоа е зголемување за над 5.000 денари. Платата на воспитувачките во 2017 изнесувала 18.300 денари, денес во февруари платата на воспитувачките изнесува 26.574 денари, што е зголемување од над 6.000 денари.

Сето ова е показател за грижата на СДСМ кон воспитно образовниот кадар и гаранција дека платите ќе продолжат да растат и да се усогласуваат со растот на минималната плата.

Дијалогот меѓу Владата и СОНК мора да продолжи, само преку дијалог ќе се најде издржано решение во интерес на сите засегнати страни.

СДСМ како одговорна партија, продолжува да инвестира во човечкиот капитал, вклучително со образованието и детската заштита, едни од клучните сектори за развој на нашето општество.

Центар за односи со јавноста на СДСМ