Министерството за внатрешни работи утринава соопшти дека е приведен осомничениот А.Ѓ. по кого се трагаше за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот. Осомничениот е приведен на територија на Скопје.

За него, како што информира МВР, веќе е донесено решение за определување мерка притвор во траење од 30 дена.

– Министерството за внатрешни работи утринава го извести Основното јавно обвинителство Скопје дека е лишено од слобода лицето А.Ѓ. по кое се трагаше врз основа на издадена Наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 22 од Криодвичниот законик. Лицето се предало на органите на прогонот на територијата на Скопје. За осомничениот, по предлог на јавниот обвинител, судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје веќе има донесено решение за определување мерка притвор во траење од 30 дена, стои во соопштението од МВР.

Дваесет и седумгодишниот хрватски ракометар, кој играше за РК Бутел, почина во петокот на скопските клиники откако претходно пред дискотеката „Централ парк“ беше претепан од три лица –  22-годишниот А.К., 19-годишната К.Л и 28-годишниот А.Ѓ, кој беше во бегство и за кого беше распишана и меѓународна потерница.

Порталот Фокус објави дека од свои извори дознава оти А.Ѓ. доброволно сам се предал на припадниците на Оперативниот тим Потраги, ноќеска околу 1 часот по полноќ, во скоспката населба Аеродром. Преговорите за неговото предавање траеле околу 4 часа.