Државниот пазарен инспекторат денеска присилно ја затвори дискотеката „Централ парк“, поранешна „Привилиџ“, потврди за МИА директорката на ДИП Анета Симеска.

Симеска појасни дека за дискотеката „Централ парк“, по извршени инспекциски надзори, во февруари било издадено решение за забрана за работење поради немање лиценца, кое во март станало правосилно.

Бидејќи сопствениците на дискотеката не го запреле работењето доброволно, денеска ДИП присилно ја затворило дискотеката.

Пред дискотеката „Централ парк“ минатата недела се случи инцидентот со хрватскиот ракометар Денис Тот. Симеска нагласи дека затворањето на дискотеката не е поврзано со настанот.