Турција сè уште работи на организирање средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот украински колега Володимир Зеленски, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу за турскиот канал НТВ.
– Знаеме дека критичните теми ќе се решаваат на лидерско ниво, па затоа ќе се обидеме да ги донесеме лидерите на иста маса, рече тој.
Чавушоглу појасни дека Турција продолжува да пристапува кон преговорите со „внимателен оптимизам“, особено по неодамнешните настани за наводните воени злосторства во Буча и Ирпин, кои „негативно влијаеја на процесот“.
– Нехуманите слики од региони како Буча и Ирпин, кои ние исто така ги осудуваме, ја променија атмосферата. Се создаде негативна атмосфера на украинската страна. Иако имаше различни изјави од страна на Руската Федерација во врска со ова, тоа на крајот негативно влијаеше на преговарачкиот процес, рече тој.
– И покрај сите тие предизвици, претседателот Зеленски рече дека разговорите може да продолжат… Но потребни се двајца лидери да кажат „да“. Особено претседателот Путин, додаде шефот на турската дипломатија.