Престанува да важи обврската на домашните и странските државјани кои влегуваат во Македонија задолжително да приложат сертификат за извршена вакцинација, сертификат за прележан КОВИД-19 во последните 180 дена, медицинска потврда за негативен ПЦР тест направен 72 часа пред влезот во државава или негативен брз антиген тест направен 48 часа пред влезот во земјата.
Одлуката вчера на седница ја донесе Владата која ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести и предлогот на Главниот координативен штаб.
Како што информираа од владината прес-служба, Владата донела и одлука да биде укината и мерката домашна изолација/карантин во времетраење од седум дена за лицата кои при влез на граничните премини нема да приложат еден од досега предвидените сертификати или потврди.
Претходно, беа укинати и мерките за задолжително носење маски во основните и средните училишта и во затворени простории, освен во болници, аптеки, јавен превоз и домови за стари лица. Не се бараат ниту сертификати за влез во шопинг центри. Олабавувањето на рестриктивните мерки следува по стабилната епидемиолошка состојба во земјава.
Согласно вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје кои ги соопшти Министерството за здравство, при направени 1.833 тестови регистрирани се 133 нови случаи на КОВИД-19, од кои 20 се реинфекции, има 156 оздравени пациенти и нема починат, но преку „Мој Термин“ е пријавено едно починато лице во болнички услови на 8 април.
Од почетокот на епидемијата регистирани се 308.752 КОВИД-дијагностицирани лица, бројот на оздравени пациенти е 298.688, на починати е 9.263, а бројот на активни случаи изнесува 801 од кои најголем број 444 се во Скопје.