Денеска, на Денот на македонскиот јазик, со свечен, виртуелен настан ќе бидат одбележани 60 години од отпочнувањето на изучувањето на македонискиот јазик, литература и култура на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана.
Во академската 1961/1962 година, во Љубљана беше отворен првиот лекторат по македонски јазик во светот, за набрзо потоа да прерасне во Катедра за македонски јазик и книжевност, којашто и денес успешно функционира во рамките на Одделот за славистика.
По овој повод, честитка до Филозофскиот факултет во Љубљана упати директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
-Сакам со почит да му се заблагодарам на Филозофскиот факултет во Љубљана дека прв во оној заеднички југословенски образовен систем распишува конкурс за лектор по македонски јазик, уште во 1960 година. Тоа е неколку години пред да ја започне својата работа Семинарот за македонски јазик, кој од 1967 година континуирано се грижи за сите лекторати по македонски јазик на странските универзитети. Сакам и да им се поклонам, но и сите ние од МСМЈЛК сакаме да им се поклониме, и на Блаже Конески и на Харалампие Поленаковиќ, кои во тој период, едниот како шеф на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, а другиот како шеф на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности до Деканатот на Филозофскиот факултет во Љубљана ја испраќаат својата стручна оценка за кандидатот Блаже Ристовски. Поклон и за првиот лектор по македонски јазик – Блаже Ристовски кој ја започнува историјата на оваа македонистика во учебната 1961/62 година, истакнува Мојсова-Чепишевска во честитката.
Таа во обраќањето до своите словенечки колеги ја истакнува важноста што под палка на вториот лектор, Драги Стефанија, инаку ученик на Блаже Конески, лекторатот прерасна во самостојна Катедра за македонски јазик и книжевност во рамките на Одделот за словенски јазици и книжевности, затоа што тоа, како што нагласува, и ја отсликува поддршката за македонистиката којашто непрекинато ја дава Филозофскиот факултет на Љубљанскиот универзитет.
-Но, македонистиката во Љубљана можеше и да се успори, па и да замре доколку од 1999 до 2001 година, Катедрата не ја поведе Катерина Велјановска, а од 2002 година и Намита Субиото која, еве, цели 20 години стаменито и храбро застанува на кормилото на оваа Катедра. Поклон и за Намита Субиото. Благодарение на нејзината заложба се засилува и соработката со МСМЈЛК при УКИМ, па така во тие нејзини 20 години на овој наш XXI век, на летните и двете зимски школи учествуваа над 50 студенти и професори од Филозофскиот факултет во Љубљана, потенцира во честитката во име на МСМЈЛК, Мојсова-Чепишевска.
Инаку, од учесниците на школите на МСМЈЛК од Словенија се создаде една нова група преведувачи кои се истакнаа со своите преводи на македонската книжевност на словенечки јазик: Соња Должан, Соња Цекова-Стојаноска, Лара Миховиловиќ, Тимотеј Сенчар, Маја Ковач, Сашо Пуљаревиќ… Дел од нив имаа свој влог и во двата зборника „Конески на 11 јазици“, коишто беа објавени минатата година, по повод 100-годишнината од раѓањето на великанот.
-Се надевам дека оваа бројка од педесетмина, секоја наредна година ќе се зголемува и зголемува, а еве, најновите ги чекаме на престојната 55. Летна школа. Се надевам дека ќе се зголемуваат и преводите на македонската литература на словенечки, нивните и на некои други, нови словенечки македонисти, напоменува директорката на МСМЈЛК, во завршницата на честитката.
На настанот што ќе биде организиран денеска предавање ќе одржи проф. д-р Катерина Велјановска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, која од 1999 до 2001 години ја водеше љубљанската македонистика. Присутните ќе ги поздрават деканката на Филозофскиот факултет, проф. д-р Мојца Шламбергер Брезар, амбасадорката на Република Северена Македонија во Република Словенија, н.е. Сузана Зеленковска и раководителката на Одделот за славистика, доц. д-р Шпела Севшек Шрамел.
На настанот ќе биде претставен и историјатот на македонистиката на Филозофскиот факултет во Љубљана, во форма на видео-колаж од изјави на студенти, професори и претставници на институциите со кои Катедрата за македонски јазик и книжевност на Љубљанскиот универзитет има активна соработка, при што ќе биде емитувана и честитката на МСМЈЛК при УКИМ.
И додека некои пријателски земји на Македонија, кога станува збор за македонскиот јазик, употребуваат фусноти, ѕвездички или други појаснувања, пријателството со Словенија, на тој план, е без никакви фусноти, како и со многу други земји на Балканот и во светот.