Македонска собраниска делегација предводена од спикерот Талат Џафери четврти ден престојува во Германија каде што се гости на Бундестагот во Берлин.
Спикерот Џафери предизвика бурни реакции во Македонија со неговото примитивно однесување во законодавниот дом, што можеше да се види и од снимката што се појави, а на која се слуша како пцуе и вреска по вработени во Собранието. Веднаш по овој скандал Џафери со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Артан Груби и пратеникот и лидер на ДУИ, Али Ахмети во опуштена атмосфера гледаа фудбалски натпревар, а од понеделникот Џафери ја предводи собраниската делегација во студиска посета на Германија.
Според највата денеска треба да ја завршат посетата, а од Собранието на Македонија информираат за неговиот престој во Берлин. Во продолжение информациите за активностоте на Џафери во Германија:
Во попладневната сесија политички разговори во рамки на студиската посета на германскиот Бундестаг, делегацијата на Собранието остварила средба со специјалниот пратеник на Владата на Федерална Република Германија Мануел Сарацин.
Како што соопшти собраниската прес-служба, Сарацин истакна дека како поранешен пратеник и член на Групата за соработка со Парламентите од Југоисточна Европа и тековно, како специјален пратеник за Западен Балкан неколкупати го посетил регионот и многу добро е запознаен со јавните политики и политичките настани во С. Македонија. Сарацин, како што се наведува, ја истакна силната поддршка на Германија во процесот на евроинтеграциите.
Тој нагласи дека процесот на отворање и затворање поглавја за членство во Унијата е комплициран и тежок и дека од особена важност е на време да се спроведат реформите во конкретни сфери за да се олесни целокупниот процес од една страна, но и како придобивка за граѓаните на државата.
Претседателот на Собранието Џафери се заблагодари за постојаната и недвосмислена поддршка од Германија, која, како што се наведува, е докажана и преку фактот што според индикаторите на трговска размена Германија е на прво место.
-Во однос на реформите кои се имплементирани во државата и нивната успешност – позитивните Извештаи од 2019 година се позитивни и знак дека сме на добар пат, стои во соопштението.
Во однос на геополитичката состојба и агресијата на Руската Федерација против Украина, Џафери го истакна усвојувањето на Декларацијата со која како држава ја осудуваме агресијата и воените дејствија во Украина, како и приклучувањето кон санкциите против Русија, целосно усогласување со позициите на Унијата, иако не сме нејзина членка. Џафери истакна дека во овој контекст од ЕУ не очекуваме субвенции, туку да рефлектира согласно развојот на настаните на Европскиот континент.
-Соговорниците се согласија дека во моментов е неопходно да се најде заедничка основа во преговорите со Бугарија и да се преземат чекори кои што нема да имаат за цел да ја изменат или поправат историјата, затоа што таа е токму тоа – историја, минато, а во моментов е потребно да се гледа и да се работи на иднината, се вели во соопштението од Собранието.