Страшо АНГЕЛОВСКИ
Текстов што следи е еден вид зборовен малтер за пополнување на празнините во главите на оние кои не сакаат или не можат да ја сфатат суштината на она што се случува во православниот свет веќе две столетија наназад. Секако, со јасна импликација на натамошната судбина на Македонската Православна Црква.
ЦАРИГРАДСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА…
Цариградската Патријаршија е создадена по расцепот на Римското Царство во 395 година, на чело со Епископ. Во 451 година станува Патријаршија, за да веќе во 596-та година се самопрогласи за Вселенска Патријаршија, со Вселенски Патријарх, како врховен поглавар, во чии рамки постоеле и Пеќската Патријаршија и Охридската Архиепископија.
По паѓањето на Цариград под османлиска власт, во 1453 година, заради општествената поделба по религиозен карактер во Империјата, на Вселенскиот, или Цариградскиот Патријарх, му е дадено правото да биде духовен водач на сите источни христијани.
Што значела општествената поделба по религиозен карактер во Османлиското царство? Имено, османлиското општество било поделено на Милети, со верски водач Милет Баша, со свои верски судови, верски училишта и други верски институции. Привилегиран Милет, секако, бил муслиманскиот Милет, за муслиманите правоверници.
Постоеле уште немуслимански, или Милети за неверници кои биле од втора категорија. Меѓу нив биле Франкискиот Милет, за сите католици; Ерменско-Грегоријанскиот Милет; Еврејскиот Милет и, Рум Милетот, источнохристијански Милет со Цариградска Патријаршија и Цариградски Патријарх како Милет Баша за православното население во рамките на Османлиското царство.
Во првите векови на османлиското владеење, Цариградската Патријаршија игра улога на потпомагач на црковното и училишното дело и противдејствува на некои од обидите на исламот за потурчување на одредени региони на Балканот.
…ПРЕМИНУВА ВО ГРЧКА ЦРКВА
Во почетокот на 19 век, заради потребите на Франција и Британија да ја намалат моќта на Османлиската Империја, на Балканот се пласираат идеите за создавање нации и држави според Вестфалските принципи од 1648 година. Идеи за создавање национални различности внатре во православниот Рум Милет во османлиското општество. Цариградската, или самонаречената Вселенска Патријаршија, која дотогаш била обединувачка институција на православниот Милет, започнала да се трансформира во политичка институција и да се идентификува со грчкиот народ, преземајќи ја улогата на грчка национална Црква. Истовремено започнува со грцизирање на негрчкото христијанско население во Отоманската империја.
Тоа ги поттикнало и останатите народи на Балканот, кои му припаѓале на Рум Милетот, кој порано, кој подоцна, да започнат борба за национално осамостојување. Оваа борба била насочена, пред се’, против “Мегали идејата“ за грцизирање на Балканот, која, институционално ја водела и грчката Црква, самопрогласената Вселенска Патријаршија. По создавањето на националните држави на Балканот, грчката Црква, наречена Вселенска Патријаршија, која, меѓу другото, е прогласена за шизматична од страна на Руската Православна Црква – Московска Патријаршија, со свои одлуки, започнала да ја врши поделбата на источното христијанство по национални Цркви, според територијата на новосоздадените национални држави.
ГРЧКАТА ЦРКВА, ВСЕЛЕНСКА ПАТРИЈАРШИЈА, ДЕНЕС
Денес, грчката Црква (Вселенска Патријаршија) територијално се протега во Истанбул, поголемиот дел од Турција, Света Гора, Крит, дел од СЕВЕРНА ГРЦИЈА, Додеканезите (група од 15 поголеми и околу 150 помали острови во близина на брегот на Анадолија), Кореја и, грчките и украинските Цркви во дијаспората.
Таа има 525 парохии во САД (заради што е под целосно влијание на Ленгли) и 1.800 во Света Гора, со околу 5.000 верници во Турција, 3.800.000 во Грција и околу 1.500.000 во дијаспората.
Меѓу другото, како подготовка на ова што денес се случува во Украина, самопрогласената Вселенска Патријаршија во 2018 година даде автокефалност на Православната Црква на Украина, признаена уште само од Грчката Православна Црква и Кипарската Православна Црква. И еве, веќе четири години управува со украинските Цркви во дијаспората.
НЕ ВЕРУВАЈ ИМ НА ДАНАЈЦИТЕ И ДАРОВИ КОГА НОСАТ
Единствено што македонскиот народ и Македонската Православна Црква го добија со одлуката на грчката Црква (Вселенска Патријаршија) е бришење на името на МПЦ и воспоставување на “Црква од Охрид“ на територијата на “Република Северна Македонија“. Од една Црква како политичка институција најцврсто впрегната во Мегали идејата и не може да се очекува ништо друго освен активно учество во официјалната политика на Атина за бришење на се’ што е македонско.
Со својата одлука од 9 мај, грчката Црква (Вселенска Патријаршија), работата ја дотера до тука, а потоа, понтиепилатовски, миејќи си ги рацете, не’ врати онаму каде што и бевме пред третиот црковно-народен собор и прогласената Автокефалност во 1967 година. Не врати во прегратките на Српската Православна Црква, на која, современиот Понтие Пилат, Вартоломеј, и’ ја даде неограничената моќ да одлучува за иднината и судбината на Македонската Православна Црква. Српската Православна Црква, која, токму денес, давајќи дури и Автокефалност на “Црквата од Охрид“, ќе и го одземе светиклиментовото наследство на МПЦ и ќе учествува во создавањето на новата Црква во новата држава.
А, судбината, кога не ја одлучуваш сам, макар и со маки и предизвици, туку ти ја одлучува друг, во длабоката соблазителност на твојот личен хедонизам, никогаш не може да биде судбина на која ќе и се радуваш. Секогаш ќе биде судбина која не си ја сакал, ама си ја прифатил од удобноста на личниот конформизам.
Таква, за жал, ќе биде и судбината на новата “Црква од Охрид“ во државата “Република Северна Македонија“ – прифатена од удобноста на хедонизмот и конформизмот, а недостојна за да и се израдуваат вистинските православни верници.
На крајот, за да се знае:
Римокатоличката вера е човекоцентрична и таму одлуките се валидни и беспоговорни доколку се потпишани од “врховното божество“ – Папата.
Источното христијанство е богоцентрично и не постои човечки авторитет, макар да е Вселенски или Српски Патријарх, кој може да одлучува за судбината на Христовите следбеници во Македонија. Посебно не за верниците на Апостолската Македонска Црква воспоставена и четири пати посетена од Апостол Павле.
За многу години денот на оние кои го победија тројазичјето и ја научија Европа да говори и пишува на уште еден јазик – македонскиот. За многу години денот на Светите Кирил и Методиј!
(авторот е претседател на МААК)