Украинскиот претседател Володомир Зеленски експресно го одби предлогот на поранешниот државен секретар на САД Хенри Кисинџер за отстапување на украински територии во корист на Русија, со цел да се обезбеди мир порачувајќи му дека неговиот календар не ја покажува 2022 година, туку 1938 година.
Кисинџер од економскиот форум во ДАВОС истакна дека потребно е мировно решение за конфликтот да не ескалира дополнително. Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин на Евроазискиот економски форум, најави формирање на анти тежа на Европската Унија преку дополнително зајакнување на економската соработка меѓу земјите во Азија. Путин сепак, не ја пропушти шансата да даде коментар и за војниците кои учествуваат во војната во Украина.
-Без разлика какви признанија тие ќе добијат, тие се луѓе кои го ризикуваат своето здравје и живот за луѓето и децата во Донбас за доброто на Русија. Тие сами по себе се херои, тие ги изложуваат своите животи на огромна опасност и затоа тие треба да се третираат како херои, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Руските напади во Доњецк и Луганск продолжуваат со зголемен интензитет. Официјален Киев потврди дека руските сили нападнале над 40 градови во Донбас во обид да го стегнат обрачот и да воспостават целосна доминација во регионите кои се наоѓаат под нивна контрола. Германскиот канцелар Олаф Шолц на форумот во Давос изјави дека Русија нема да излезе како победник во војната со Украина и дека Москва не смее да ги диктира условите за мир.