На булеварот „Борис Трајковски” во населбата Пинтија, поради силното невреме кое го зафати овој дел на општината, падна голем потпорен ѕид кој е под надлежност на градот Скопје.

-Веднаш после пријавите од нашите сограѓани излеговме на терен, а мобилизирани беа и екипите на јавните претпријатија на градот Скопје со цел заеднички да превенираме за да спречиме уште поголема катастрофа. Првично ќе се делува на заштита на населението кое транзитира тука, односно ќе се затвори еден дел од булеварот, а потоа веднаш почнуваме со расчистување и санација на ѕидот. Во наредните денови, сето ова ќе биде вратено не во првобитната состојба, туку во уште подобрена за да не ни се случуваат повеќе вакви работи и да го нарушуваат мирот, но и безбедноста на граѓаните, рече градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и додаде:

„Тука сакам да истакнам и дека, во периодот што следи ќе биде извршена детална проверка на сите градби кои се направени во минатото, со цел да утврдиме дали можат да одговорат на временските неприлики кои и понатаму ќе се случуваат но и онаму каде што има потреба од дополнителни зафати да делуваме, затоа што безбедноста на моите сограѓани е приоритет.

Покрај тоа, сакам да најавам дека во наредниот период е бидат извршени детални контроли од инспекциските служби за квалитетот на изградба на потпорните ѕидови и на приватните парцели, особено онаму каде што теренот е стрмен.

Таму каде што ќе биде утврдено дека се направиле недостатоци при градењето од различни причини, во наредниот период ќе прецизираме како ќе постапиме.

За жал, не можеме да ги спречиме временските непогоди, но можеме да делуваме во иднина да не ни се случуваат вакви или поголеми штети, или не дај Боже – трагедии.

Граѓаните на прво место, остануваме тука до целосно враќање во нормала на овој дел од Кисела Вода“.