ВМРО-ДПМНЕ најави целосна блокада на институциите, патиштата и на целата држава доколку власта не се согласи на предвремени парламентарни избори. За власта, пак, темата за избори е затворена до 2024 година и го повикаа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од блокадите.

Од власта повикуваат на разум и нагласуваат дека ВМРО-ДПМНЕ сега треба да покаже одговорност и конструктивност.

Според Мартин Костовски, пратеник од редовите на СДСМ, сега, откако темата за парламентарните избори е затворено прашање до 2024 година, Мицкоски треба да се откаже од натамошни блокади и опструкции.-Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, треба да покажат одговорност и конструктивност, законските решенија за граѓаните и помош во време на криза да бидат усвоени. Примери низ светот има бројни, во време на глобална криза, опозицијата и власта треба заедно да работат во интерес на граѓаните, а не опозицијата да блокира, да кочи и опструира. Затоа повикуваме на разум, ВМРО-ДПМНЕ сега треба да покаже конструктивност, да почне да работи за интересите на граѓаните, наместо за личните амбиции на Мицкоски, рече вчера Костовски на прес-конференција.

Граѓаните, како што кажа, во овој чувствителен период од сите политички субјекти со право очекуваат одговорност, работа и посветеност во надминување на последиците од глобалната криза. Впрочем оваа порака граѓаните му ја испратија директно на Христијан Мицкоски со дебаклот на митингот и слабиот одѕив. Јасна е пораката на граѓаните до Мицкоски – не сакаат блокади и опструкции туку очекуваат одговорност од сите партии, заклучи Костовски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера најави протестно лето и активна блокада на Парламентот. На есен, како што посочи ќе има нов сет на чекори.

– За ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата и огромно мнозинство граѓани, прашањето за предвремени парламентарни избори не е затворено. Продолжуваме со нашиот активизам, ќе имаме протестно лето и активна блокада во Парламентот. На есен ќе има нов сет на чекори, ќе биде динамично, а одговорноста за сето ова ќе ја има Владата, изјави Мицкоски.

Мицкоски посочи оти ќе протестираат низ улиците, низ маалата, пред институциите, односно, како што кажа, секаде каде гледаат дека треба да се протестира.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека бараат брзи предвремени парламентарни избори, што, како што појасни, траат од 45 до 60 дена.

– Ние предлагаме промена на Изборниот законик со кој ќе се избрише институцијата техничка влада, рече Мицкоски посочувајќи оти затоа предложиле закон со кој ќе го избришат делот каде стои техничка влада.

Според Мицкоски, Владата се ближи кон својот крај. Порано или подоцна, вели, тој крај ќе дојде.

– Инстант успеси не постојат, ветувам борба и ветувам победа, овој пат ветувам голем триумф. Ако ги следиме мерењата на јавното мислење многу блиско е ВМРО-ДПМНЕ до мнозинство во Парламентот, истакна Мицкоски.

И портпаролот на партијата Димче Арсовски вчера истакна дека ако нема договор за избори, ќе преземат протестни активности низ цела држава.

– ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните, со јавноста, со населението оди до крајната цел, а тоа е предвремени парламентарни избори на кои што ќе падне оваа криминална и катастрофална Влада која што ја уништува Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија ќе преземе разно разни протестни активности низ целата држава, се до нашата конечна цел – опаметување на оваа криминална власт предводена од СДСМ и ДУИ, и распишување предвремени парламентарни избори, истакна Арсовски.

Предвремените парламентарни избори, според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, се нужни и мора да се случат што побрзо.

Од партијата сметаат и дека активната блокада како прв чекор е и повеќе од успешна.

– Ако прејдеме на блокада на целата држава која исто така ќе биде успешна, секако ќе има избори, само треба да си ги скратат маките и нервозите, нагласи Арсовски.

Премиерот Ковачевски и во неделата по завршувањето на средбата со коалициските партнери во Владата изјави дека предвремени избори нема да ги решат проблемите, туку ќе ги продлабочат. Со овој став се согласни сите коалициски партнери.

– Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година. Политичкиот дијалог со опозицијата околу прашањата од највисок национален интерес треба да се одвива на конструктивно ниво во рамки на демократски избраните институции. Уцените за предвремени избори и обидите за блокада на законодавната власт ги оценуваме како неразумни, потенцира Ковачевски.