НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во Прага е растурен моќниот „советски НАТО“, по што остана само западниот НАТО и се прошири низ Европа

/ 01.07.2024

Моќниот воен сојуз на некогашните социјалистички земји во Европа, познат и како советско НАТО, е растурен на 1 јули 1991 година во Прага, по 46 години од неговото основање во Варшава во 1955 година.

Лидерите на источноевропските земји на состанокот во Прага го укинаа Варшавскиот пакт кој на 14 мај 1955 година го склучија СССР, Бугарија, Полска, Романија, Чехословачка и Унгарија, како одговор на основањето на НАТО во 1949 година.

Варшавскиот договор официјално беше наречен Договор за пријателство, соработка и взаемна помош, познат и како Варшавски пакт, воен сојуз на социјалистичките земји од Централна и Источна Европа. Договорот служел како противтежа од тн. Источен блок на потенцијалната закана од НАТО и тн. Западен блок. Договорот бил сличен на НАТО-договорот во смисла дека постоел Политички консултативен комитет раководен од цивилен генерален секретар, а покрај тоа постоел и заеднички воен командант и Мешовит воен штаб.

Членки сите социјалистички земји освен СФРЈ

Сите социјалистички земји во Европа, освен СФРЈ, биле членки на Варшавскиот договор. Тие се обврзувале да се бранат меѓусебно во случај некоја од нив да биде нападната. Договорот обврзувал на немешање во меѓусебните внатрешни работи и меѓусебно почитување на националната независност и суверенитет. Оваа обврска подоцна дефакто ќе биде прекршена од СССР со интервенциите против демократските движења во Унгарија (1956) и во Чехословачка (1968). Во обата случаи СССР тврдел дека делувал на покана од засегнатите земји и затоа формално договорот не бил прекршен.

По 1989 година, новоформираните демократски влади на европските земји во кои беше заменет социјалистичкиот систем со повеќепартиски, повеќе не биле заинтересирани за учество во Варшавскиот договор. Во прилог на тоа им одело и опаѓањето на моќта на СССР, па по обединувањето на Германија во 1990-та, и другите земји најавиле отстапување од „советското НАТО“.

Седиштето на Пактот било во Москва. Сите раководни структури на Пактот биле подредени на Комунистичката партија на СССР и ниедна акција не можела да се преземе без одобрение од партијата.

Никој не верувал дека Железната завеса, која била границата помеѓу земјите на НАТО и на Варшавскиот договор, истокот и западот, било кога ќе падне. Таа била симболична, идеолошка и физичка граница која ја делеше Европа на две посебни области од крајот на Втората светска војна до 1991 година.

Во 1956 година за време на Унгарската револуција, владата на премиерот Имре Наѓ објавила дека Унгарија се повлекува од пактот. Како одговор, советските трупи влегле во земјата и го совладале востанието за две недели, употребувајќи го Варшавскиот договор како оправдание.

На 20 август 1968 година, за време на Прашката пролет, реформското движење предводено од Александар Дубчек, СССР ја нападнал Чехословачка со 23 дивизии, помогнати од една унгарска и две полски дивизии и една бригада од Бугарија, и направиле преврат во земјата.

Во 1981-ва големи воени маневри на Варшавскиот пакт се одржале во времето на кризата со синдикатот „Солидарност“ во Полска. Постојат мислења дека маневрите требало да кулминираат со напад и задушување на протестите во Полска.

Никогаш директен конфликт со НАТО

Земјите на НАТО и Варшавскиот пакт никогаш не влегле во вооружен конфликт, но воделе „студена војна“ повеќе од 35 години, често и преку поддршка на други конфликти (како на пример во Виетнам).

По 1989 кога дојде до сериски распад на комунистичките режими, новоформираните демократски влади на европските социјалистички земји повеќе не биле заинтересирани за учество во Варшавскиот договор.

На 24 септември 1990-та Источна Германија (ДР Германија) потпишал договор со СССР за прекин на членството во Варшавскиот договор, а на 3 октомври 1990-та се обедини со Западна Германија (СР Германија). По обединувањето на Германија, и другите земји најавија напуштање на пактот. Така, на 1 јули 1991-ва во Прага сите членки потпишале договор за укинување на Варшавскиот пакт.

Осум години подоцна во 1999 поранешните членки на Варшавскиот договор Унгарија, Полска и Чешката Република влегоа во НАТО. Бугарија, Романија, Естонија, Латвија, Литванија и Словачка тоа го направија во 2004 година.

По отворањето на архивите на Варшавскиот договор во Полска во 2006-та, се покажало дека плановите на пактот при евентуална војна со НАТО биле преку молскавичен напад, по потреба и со нуклеарно оружје, брзо да се освои Западна Европа. Во Полска имало 250 нуклеарни проектили во доцните 1980-ти.

По растурањето на Варшавскиот договор, во 2002 година, 6 од наследничките на СССР – Белорусија, Ерменија, Казахстан, Киргистан, Русија и Таџикистан, формираа сличен одбранбен сојуз- Организација за колективна безбедност.

Моќта на советското НАТО

Со децении се чинеше дека Варшавскиот пакт е неуништлива сила. Но, оваа гигантска организација брзо се урна без никаква надворешна интервенција. На Запад владее мислењето дека Советскиот Сојуз секогаш бил суров агресор. Но, многумина забораваат дека западните сили беа тие кои први го основаа воениот и политички сојуз НАТО во 1949 година. Советскиот одговор следуваше дури по шест години.

Советскиот Сојуз не реагираше на појавата на НАТО сè до 1955 година кога СР Германија (СРГ) ѝ се приклучи на алијансата. Тоа беше директно кршење на Постдамскиот договор според кој Германија требаше да остане разоружена. СРГ на 9 мај официјално стана член на НАТО, а само пет ден подоцна, на 14 мај, социјалистичките земји го потпишаа Договорот за пријателство, соработка и заемна помош, познат како Варшавски пакт.

Првиот сериозен тест Варшавскиот пакт го доживеа само една година по основањето, кога во 1956 година следеше големо антисоветско востание во Унгарија кое го поддржуваа западните тајни служби.

Тпгашниот советскиот челник Никита Хрушчов итно се состанал со сојузниците од Источна Европа и им ја соопштил својата одлука дека ќе интервенира. Во текот на следната седмица советските и унгарските единици, со поддршка на безбедносните сили на двете земји, го задушија целиот отпор во Будимпешта и ја вратија Унгарија во социјалистичкиот сојуз.

Во 1961 година Варшавскиот пакт го претрпе првиот удар кога малечката Албанија му се спротивстави на моќниот СССР. Многу незадоволен со десталинизацијата во СССР и со затоплувањето на односите помеѓу СССР и СФРЈ, албанскиот водач Енвер Хоџа ја изрази својата приврзаност кон Кина, чии односи со СССР стануваа сè постудени. Разидувањето помеѓу Советскиот Сојуз и Албанија заврши со тоа што албанските единици дефакто престанаа да учествуваат во активностите на организацијата, почнувајќи од 1961 година. Седум години подоцна Албанија и официјално го напушти источниот блок.

Најсериозниот предизвик со кој се има соочено Варшавскиот пакт беше тн. Прашка пролет од 1968 година, период на либерализација и на кардинални реформи во Чехословачка. За разлика од ситуацијата од 1956 година во Унгарија, овој пат СССР реши да не дејствува самостојно, туку ги вклучи сите членки на организацијата.

Варшавскиот ветер ја задуши Прашката пролет

На 21 август 1968 година членовите на Варшавскиот пакт ја започнуваат операцијата Дунав. Нивните единици влегуваат во Чехословачка и за неколку недели ја задушуваат Прашката пролет. Најголем број од војската беше од СССР (170.000) и од Полска (40.000), додека ГДР испрати 15.00, Унгарија 12.500, а Бугарија само нешто повеќе од 2.000 војници. Николае Чаушеску отворено ја осуди интервенцијата, па романските единици не учествуваа во операцијата.

Членовите на Варшавскиот пакт редовно одржуваа воени вежби, а најголеми беа Запад ’81 со над 100.000 војници и Штит ’82 во рамките на кои беа симулирани услови на нуклеарна војна.

Повеќе од 80 отсто од оружјето на Варшавскиот пакт беше советско: од тенкови до борбени авиони и средства за радиоелектронска борба. Чехословачка произведуваше и ги вооружуваше своите сојузници со оклопни возила.

Таканаречената „Северна група“ на Варшавскиот пакт (Источна Германија, Полска, Чехословачка) во непосредна близина на потенцијалниот непријател беше подобро опремена од „Јужната група“ (Романија, Унгарија, Бугарија).

Силата на тенковските единици на Варшавскиот пакт беше колосална: 53.000 советски и 12.000 – 15.000 тенкови во Источна Европа. Главните тенкови Т-54 и Т-55 ги наследија Т-64 и Т-72. Непосредно пред распуштањето на Варшавскиот пакт, членките се вооружија со најновите тенкови Т-80.

Во 1977 година беше основан Заеднички систем за собирање податоци за противникот (СОУД), со првостепена задача спречување „странски закани за време на Олимпијадата во Москва 1980-та“.

Варшавскиот пакт беше официјално распуштен на 1 јули 1991 година.

(Подготвил: Д.Г.)


Од истата категорија