Помала единица на словенечката армија денеска на границата на земјата со Хрватска, близу малиот граничен премин Виводина – Крмачина, кај градот Метлика, почна со отстранување на жичената ограда наменета против мигранти.На настанот беше присутна и министерката за внатрешни работи, Татјана Бобнар, препишувајќи му на овој чекор големо симболично значење.
Бобнар изјави дека отстранувањето е знак на промена на политиката на новата Влада кон мигрантите и бегалците, бидејќи таа се обврза на најголема почит на човековите права и забрзување на обработката на барањата за азил.
Според Бобнар, на границата кон Хрватска сега има поставено околу 51 километар жилет жица, војската дневно може да отстрани од 150 до 200 метри. Проценето е дека на војската ќе ѝ бидат потребни најмалку 150 работни дена.
– Нашата намера е прво да ја отстраниме жицата, истакна министерката.
Потоа ќе започне „постепеното отстранување“ на металната ограда, во соработка и добра комуникација со локалните заедници.
Како што додаде Бобнар, месните заедници се заинтересирани да ја преземат панелната ограда, таа нема да се уништи.
Војската нема да ја отстранува панел оградата. За тоа, како што информираше министерката, засега резервирани се околу 2,5 милиони евра.
Роберт Голоб за антимигрантските пречки подвлече дека се нехумани и оти не служат за она за што се поставени.
Словенија кон Хрватска постави вкупно 135.372 метри панелна ограда и 60.595 метри жилет жица, покажаа податоците објавени неодамна од словенечкото Министерство за внатрешни работи.
Кон крајот на 2015 година, поради страв од влошување на мигрантската криза, жицата ја постави тогашната словенечка влада, водена од Миро Церар.