Неоправдани се тврдењата дека властите во земјава направиле отстапки во однос на македонскиот јазик, историја и идентитет, а опозициските партии кои беа против одобрението беа мотивирани од политички интереси, изјави Али Ахмети за Гласот на Америка на албански јазик
На прашање дали очекува разговорите со ЕУ да го сменат ставот на политичките сили кои беа против францускиот предлог, Ахмети рече дека опозицијата ја зафатил бран емоции, бран на фолклоризам и дека сето тоа било повеќе за дневна политика и собирање политички поени.
– Мислам дека опозицијата ја зафати бран емоции, бран фолклоризам, кратко кажано, имаше тенденција да се манипулира со масата, демек се губи македонскиот национален идентитет, се губи македонскиот јазик, македонската нација се асимилира во бугарска нација. Сето ова беше повеќе за дневна политика и за да им додадат поени на нивните партии, отколку нешто суштинско што беше во целата оваа кампања или сета оваа пропаганда што ја правеа и ова конечно се виде, и јавноста сфати дека сето тоа се прави само да ја подобрат својата политичка позиција во општеството, отколку нешто суштинско во целата оваа активност што ја правеа, изјави Ахмети.
Тој додаде дека ова е историски момент, сограѓаните Македонци да го легитимираат нивниот идентитет и јазик во меѓународната заедница.
– Мислам дека се целосно неоправдани, бидејќи македонскиот јазик е официјално признат од ЕУ, македонскиот идентитет е официјално признат од ЕУ, а тоа во својот говор го потврди и европската претставничка во Собранието на РСМ, и јас сум многу сигурен дека сите напори отидоа во тој правец да не се навредува ниту идентитетот, ниту јазикот, бидејќи тоа се прашања наследени од минатото, тоа се прашања на вековни неправди што им се случиле на малите народи, и сега ова е историски момент за нашите сограѓани Македонци, конечно да го легитимираат во меѓународната заедница нивниот идентитет, нивниот јазик и имаа целосна поддршка од албанските политички партии, рече Ахмети.
Ахмети не очекува дека прашањето за Уставот ќе биде главниот проблем што го попречува натамошниот развој на процесот за членство на Македонија во ЕУ.
Според него, по две години, сите политички сили ќе мора да се изјаснат дали ќе бидат за Европа, дали ќе бидат за вистинска демократија, дали ќе бидат за владеење на правото, и политичките партии ќе го имаат историскиот момент да се постројат.