Поранешната државна обвинителка на Украина, Ирина Венедиктова, која беше разрешена од претседателот Володимир Зеленски, вели дека го прифаќа разрешувањето, но истакнува дека во нејзината служба немало колаборационисти.
– Не можеме да имаме овде колаборационисти во мојата канцеларија. Такви луѓе се само оние кои работат на окупираните територии. Мојата канцеларија не е окупирана територија, изјави Венедиктова за Си-Ен-Ен.
Таа додаде дека главен приоритет на нејзината канцеларија е да работи на проблеми со криминални дела на предавство и колаборационизам и дека нејзината служба била многу транспарентна во работата.
На прашањето која е вистинската причина за нејзината смена, Венедиктова рече: „Знаете дека мојот став е политички. Бев 16-ти главен обвинител во 30-годишната историја на Украина. Ова е реалполитика во Украина. Тоа е мојот одговор“.
– Во моментов на чело е претседателот. Тоа е неговата стратегија и тактика. Тој носи одлуки во согласност со неговите ставови, додаде Венедиктова.