ЕУ ги отвори пристапните преговори со Албанија и ЕУ ја започна фазата на отворање на пристапните преговори со Македонија. Две различни реченици, кои ја разобличуваат сликата која власта сака да ја претстави, дека Македонија, ги започнала преговорите за членство, објавува ТВ Алфа.
19-ти јули 2022-ра година, за власта историски ден, реалноста сепак гледаме сосем друга. Толку долго најавуваниот и ветуван датум, реално повторно не го добивме. Македонија доби меѓувладина конференција за сликање, но дека преговорите не сме ги стартувале, ни порачува и Франциска Шиндерле, австриска новинарка, специјализирана за Западен Балкан.
-Денеска Европската Унија го слави отворањето на пристапните преговори со Албанија и Македонија. Реалноста е малку посложена. Само Тирана може веднаш да започне преговори, Скопје не, додека Бугарите не се вклучат во нивниот Устав. За ова, недостига двотретинско мнозинство, што ја спречува земјата да се движи напред, напиша Шиндерле.
Најновиот датум власта повторно го овековечи со селфи од авион. На ова селфи сега се премиерот Димитар Ковачевски, првиот вицепремиер Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Ова селфи наликува на она кое го објави поранешниот премиер Зоран Заев, кога во 2018-та година славеше датум за старт на преговори.
-Во авион штотуку примив одлична вест… Република Македонија доби датум за старт на преговори за членство во ЕУ! Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, на денешната седница донесе одлука од јуни 2019 г. да започнат преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ. Сега граѓаните на Република Македонија можат да кажат силно и слободно – Да, за Европска Македонија!, напиша тогаш Заев.