Власта во Македонија е пресреќна од тоа што го доби во ЕУ, а радоста од добиеното се труди да им ја пренесе и на граѓаните, но засега според манифестациите не успева.
Многу е поголем револтот кај граѓаните поради отстапките што се прават, отколку тоа што реално го добива македонскиот народ и граѓаните на Македонија од последниот лет на авионот во Брисел, сликањето таму, потоа на социјалните мрежи и заклучно со коктелот за прослава што беше приреден за помал број на претставници од политичката елита, нејзини блиски и странски претставници.
Процесот на преговори за членство на земјава во ЕУ започна на 19 јули кога ја одржавме првата Меѓувладина конференција, што ја означува последната етапа од нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија, со крајна цел нашите граѓани и нашите деца да живеат подобро и како сите останати европски народи, порача вчера вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Тој нагласи дека тоа е наша стратешка определба од осамостојувањето на државата која станува реалност по 21 година од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација и 17 години откако го добивме статусот кандидат за членство во ЕУ.
– Во наш интерес е да ги оствариме нашите два интереса – да го заштитиме нашиот македонски јазик, идентитет и посебност и да станеме членка на ЕУ. Тоа се наши цели уште од осамостојувањето и како Влада сметавме и се уште сметаме дека се остварливи цели и дека во исто време можеме да останеме Македонци кои говорат македонски јазик и да бидеме членки на Европската Унија. Мислам дека сме на добар пат тоа да го оствариме, потенцира Маричиќ.
Иако на скринингот, кој е прва фаза во преговарачкиот процес, се гледа како на техничка операција, тој е суштински елемент на пристапните преговори, бидејќи ја дава сликата за се што треба да направиме во годините што следат со цел да ги спроведеме реформите од ЕУ агендата и да ги отвориме, да напредуваме и да ги затвориме поглавјата и кластерите.
Посочувајќи дека 45 отсто од нашето законодавство веќе е усогласено со европското, Маричиќ најави дека скринингот по кластери и поглавја официјално почнува на 15 септември и очекува тој да заврши до ноември 2023 година.
Инаку, земјава веќе во 2018 и 2019 година помина една фаза на објаснувачки и подготвителни состаноци за сите 33 поглавја пред да се објави новата методологија за проширување на Унијата и во овој период Европската комисија и презентираше преку 8.000 ЕУ акти, во кој процес беа вклучени околу 2.000 наши државни служебници.
– Ако Србија и Црна Гора преговараат 10 години, а ние и Албанија почнуваме сега треба да имаме мотив да дојдеме отприлика на исто ниво на фаза на отворени и затворени поглавја за да се надеваме дека имаме шанса да влеземе заедно со Србија и Црна Гора кога и да биде првото наредно проширување на ЕУ, порача Маричиќ.
Во однос на вториот услов за продолжување на преговорачкиот процес по кластери и поглавја – уставите измени со кои во Преамбулата на Уставот треба да ги внесеме Бугарите и другите заинтересирани заедници, вицепремиерот нагласи дека за тоа Владата се уште нема утврдено календар или динамика, но дека од нас ќе зависи дали по завршувањето на скринигот ќе застанеме тука или ќе продолжиме со преговорите.
– Внимателно ќе ги разгледаме околностите и начинот на кој што би го отвориле дијалогот во Собранието и целта на отворање на процесот на уставните измени е тие да завршат успешно. Тоа секако ќе биде по летниот одмор на Собранието и ќе може тогаш да говориме за точен календар. Нам ни е најважно ниту да одиме пребрзо, ниту да доцниме, туку тој процес да има позитивен исход, истакна Маричиќ
Идејата е за тој процес да се води отворена и јавна расправа, со вклучување на чинителите задолжени за спроведување на измените, како и на претставници на задниците што треба да бидат вклучени во Уставот. Земјава нема рок за спроведување на уставните измени, а датумот ноември 2023 е утврден како временска рамка за завршување на скринингот и дури ако до тогаш завршат сите скрининзи, бидат усвоени извештаите на Советот на ЕУ и бидат утврдени реперите за отворање на кластерите, за да одиме во наредната фаза ќе мораме да ја завршиме промената на Уставот.
– Дали ќе го направиме тоа до ноември 2023 или по ноември 2023 зависи од нас и од расположението во Собранието. Мислам дека наш интерес е тоа да се случи што побрзо за да го тргнеме како задача и да немаме друга задача до наредната меѓувладина конференција. Динамиката се уште не е определена, но ќе има доволно време најпрво да се вразуми дебатата, да имаме простор за аргументација, за размена на идеи и вистински политички дијалог со сите политички партии и пратеници во Собранието, за да имаме атмосфера за остварување на потребното двотретинско мнозинство, порача вицепремиерот, птенцирајќи дека секоја партија и секој пратеник имаат одговорност да донесат одлука дали ќе застанеме на крајот на скринингот или ќе продолжиме со преговорите со отворање на поглавјата и кластерите.
Во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдумско изјаснување за Преговарачката рамка, Маричиќ нагласи дека Владата досега не расправала и не донела одлука по ова прашање.
– Но мој личен став е дека нема потреба од референдум и дека е подобро институциите да си ја преземат својата одговорност, наместо да се користи евентуалниот референдум за манипулации и политички поени, потенцира Маричиќ.
Во однос на барањата на дел со лигвистите и на некои опозициски партии за измена или повлекување на нашата унилатерална изјава за македонскиот јазик на претставена на првата Меѓувладина конференција за пристапувањето на земјава во Европската Унија, вчера се огласи Министерството за надворешни работи, појаснувајќи дека нејзина единствена цел е да се осигура употребата на чиста формулација за македонскиот јазик во документи на Советот на ЕУ, без какви било објаснувања, додавки или фусноти.
– Во таа функција, со оваа изјава се соопштува нашата позиција, пропишана во Уставот на Република Северна Македонија за македонскиот јазик како службен јазик на Република Северна Македонија на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи, се наведува во соопштението на МНР и се додава дека изјавата во себе содржи релевантни делови од Уставот, Резолуцијата на Собранието од 29 јули 2021 година, и заклучоците од собраниската седница од 16 јули 2022 година.
Од Министерството потсетуваат дека Преговарачката рамка за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, која беше усвоена на 18 јули 2022, е првиот документ на Советот на ЕУ во кој е содржана чиста формулација за македонскиот јазик.