Во сите учесници на летните, а од минатата година и на зимските школи, како и во сите професори, предавачи, лектори, преведувачи, студенти кои ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура надвор од Македонија, ги имаме најголемите културни амбасадори, поддржувачи и верни пријатели, вели директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска,
Во интервју за списанието на Заедницата на Македонците во Република Хрватска „Македонски глас“, посветено на активностите на МСМЈЛК при УКИМ, Мојсова-Чепишевска нагласува дека верува во нив и во нивната мисија да продолжат во духот на досегашната дејност, а тоа е создавање пријатели и лобисти за земјава, кои ќе ги пренесат и ќе ги претставуваат македонскиот јазик, литература и култура во своите држави, па и пошироко во светот.
– За нас како Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура и за УКИМ под чија капа е Семинарот, но и за целата држава, сите лекторати се влијателни. Зашто ако се земат предвид сите, се доаѓа до една неверојатна бројка од над 250 студенти годишно што го изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, на додипломски и постдипломски студии, нагласува Мојсова-Чепишевска.
Во однос на бројноста на студентите на лекторатите по македонски јазик, таа ги посочува лекторатите на универзитетите во Риека, Истанбул и Будимпешта на коишто интересот за изучување на македонистиката е огромен.
Конкретно, според неа, минатата година на Универзитетот во Риека, македонскиот јазик го изучувале седумдесетина студенти, а на Истанбулскиот универзитет, на различни нивоа, бројот на студентите бил дури шеесет, додека за понатаму може да се очекува да биде и значајно поголем, имајќи предвид дека од следната академска година можност за изучување на македонистиката ќе имаат сите студенти на Универзитетот, а не само оние коишто студираат на Факултетот за литература. На Универзитетот во Будимпешта пак, минатата година, наставата по македонски јазик ја следеле триесетина студенти.
– Но, на лекторатите не смееме да гледаме само статистички. Затоа што на пример лекторатот во Москва е при големиот Универзитет „Ломоносов“ каде што наставата по македонски јазик како главен предмет се изведува од академската 1975/76 година и тоа благодарение на академик Рина Усикова. По нејзините стапки продолжија извонредните македонисти, академик Ала Шешкен и проф. д-р Елена Верижникова и заради нивната посветеност и висока професионалност расте овој исклучителен македонистички центар. Или Катедрата по македонистички студии во Париз, при познатиот Националниот институт за ориентални јазици и култури (ИНАЛКО), каде што е еден од најстарите лекторати по македонски јазик. Во академската 2023/24 година ќе се одбележи голем јубилеј – половина век македонистика на ИНАЛКО, каде што денес македонскиот јазик се изучува и на додипломските и на постдиломските студии, вклучително и на докторските студии, под раководство на проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, која истовремено е и директорка на Школата за докторски студии при ИНАЛКО, посочува директорката на МСМЈЛК при УКИМ во интервјуто.
Притоа, таа напоменува дека и овие образовни и научни центри, скоро секогаш даваат посветени македонисти, не само како дипломирани студенти, туку и како магистри и доктори на филолошки науки од областа на македонистиката.
Во прилог на интервјуто, одделен дел е посветен и на историјатот и остварувања на МСМЈЛК при УКИМ, започнувајќи од неговото формирање во 1967 година.
Инаку, како што информира Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура во август, во негова организација во Охрид во август ќе се одржи 55. Летна школа за македонски јазик, литература и култура, на којашто се очекува учество на голем број странски слависти и македонисти, а потоа во септември ќе се одржи и 49. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК.