Просечниот очекуван животен век во Германија забележливо падна меѓу 2019 и 2021 година, соопшти денеска националното Биро за статистика, препишувајќи ја промената на невообичаено високиот број на починати за време на пандемијата од Ковид-19, пренесе Бета.
Очекуваниот животен век за новородените девојчиња минатата година бил 83,2 години, а за момчиња 78,2, што е намалување од 0,4 односно 0,6 години во однос на 2019, годината пред пандемијата.
– Главната причина за ваквите податоци е невообичаено високиот број на починати за време на бранот од Ковид-19, се наведува во соопштението.
Зголемениот удел на стари лица во германското население доведе до очекување за зголемување на бројот на смртни случаи изминатите 20 години, истакнува Бирото, но, се додава оти очекуваниот животен век се зголемувал пред пандемијата.
Пред појавата на Ковид-19, бројот на починати растеше во просек еден до два отсто годишно. Но, беше пет отсто повисок во 2020 година и дополнителни четири проценти поголем лани, покажуваат податоците.
Тоа значи дека имало 70.000 до 100.000 повеќе починати за време на изминатите две години, отколку што би се очекувало статистички, пишува во соопштението.
Како што се појаснува, регистрирани се речиси 115.000 лица починати со коронавирус изминатите две години, додека можно е мерките на претпазливост поврзани со пандемијата да допринеле за намалување на смртни случаи од други болести.
Германија има 83 милиони жители.