Повеќе од 6 часа денеска беше во прекин транспортниот сообраќај на граничниот премин Табановце за влез во државата, поради техничи проблеми.
Како што објави порталот СДК, возачите на камиони кои чекаа да го поминат терминалот и царинската контрола кажуваат дека цело претпладне стојат во место на пеколните температури, затоа што прво снемало струја, потоа паднал системот, а на крај се расипала вагата за мерење. Тоа придонело да се формира колоната од камиони околу 20 километри.
– Чекаме од сабајле од 7 часот. Има проблем со вагата. Стара е и постојано се расипува. И вчера колегите чекале 5 часа да ја поправат. Јас синоќа стигнав пред граница, но кога слушнав дека не работи останав во Србија да одморам, сметајќи дека сабајле порано ќе фатам ред и ќе завршам работа. Но, попусто. Тешко е, многу тешко да се седи во камион на овие горештини, изјавил еден од возачите за СДК.
Негови колеги кажуваат дека во колоната има и цистерна со гас, која е како темпирана бомба на високите температури.
Околу 13 часот вагата била поправена и колоната почна да се поместува, но претседателот на Независниот синдикат на професионални возачи за транспорт и врски Марјан Стефковски, кој дошол на граничниот премин да види што се случува, вели дека утринава од 7 часот ниту еден камион не ја поминал границата.
– Колоната камиони е долга 20 километри, достига близу до градот Бујановец. Првото известување утринава ни беше дека нема струја на граничниот премин, второто дека паднал системот, третото е дека вагата е расипана. За да помине оваа колона, ќе треба 2-3 дена, вели Стефковски.
Инаку, често слушаме изјави и гледаме насмеани лица на нашите политичари, кои говорат дека Отвирен Балкан го забрзува протокот на стоки во земјите од оваа балканска асоцијација.
Опширно во порталот СДК.