Борбата со корупцијата во земјава ќе биде еден од приоритетите на новата амбасадорка на САД во Скопје, Анџела Прајс Агелер. Таа на сослушувањето пред американските сенатори најави дека ќе помогне во изработката на национална стратегија преку која ќе се бара одговорност од, како што вели, корумпираните актери во земјава.
„Доколку бидам потврдена, ќе ги охрабрам судските реформи и ќе ги повикам институциите на Северна Македонија да промовираат транспарентност во истрагата на наводите за злоупотреба и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето. Ќе работам со меѓуагенциските партнери за да ѝ помогнам на Северна Македонија да развие национална стратегија која ефективно ќе бара одговорност од корумпираните актери“, вели Агелер.
Пораката од Агелер, која е номинирана од страна на претседателот Џо Бајден, беше поздравена од домашните власти.
Новата амбасадорка најави и дека цврсто ќе го поддржи евроинтегративниот процес на Македонија, но и ќе го унапреди веќе воспоставениот стратешки дијалог меѓу двете земји. Токму преку стратешкиот дијалог меѓу Вашингтон и Скопје кој започна на почетокот на месецов, неделава Стејт департментот реши да издвои над четири милиони долари за зајакнување на владеењето на правото во Македонија.